Предметот „Талир“ се однесува на незаконското финансирање на ВМРО-ДПМНЕ и беше отворен 2019 година и беше во доказна постапка, како и повторената постапка за случајот „Титаник“ кој започна во 2018 година
Судијката Даниела Димовска, поради приватни причини, денеска побара да биде изземена од судечкиот совет во предметот „Титаник“. Станува збор за двата предмети што и беа распределени, а кои ги водеше судијата Осман Шабани, кој неодамна беше избран за судија во Апелацискиот суд во Скопје.

Претходно таа побара изземање и од предметот „Талир“.
Пред денешната расправа, која беше одложена за 1 март, судијката посочи дека со еден од обвинетите била колешка додека работела во Собранието на Република Северна Македонија, а со друг, како што рече, се познавале од слави.
Предметот „Талир“ се однесува на незаконското финансирање на ВМРО-ДПМНЕ и беше отворен 2019 година и беше во доказна постапка, како и повторената постапка за случајот „Титаник“ кој започна во 2018 година.
Судењето за „Талир“ почна на 2 март 2020 година. Првообвинет е експремиерот и бивш лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, но нему му се суди во отсуство бидејќи избега и доби азил во Будимпешта. Покрај него, обвинети се и Кирил Божиновски и Миле Јанакиески. Тројцата се товарат за злоупотреба на службената положба и овластувања и за перење пари.
Во „Титаник“, предмет за дела против изборите и гласањето, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески призна вина и доби три и пол години затвор.
„Титаник“ е првиот случај за кој своевремено, на почетокот на 2016 година, Специјалното јавно обвинителство (СЈО) отвори истрага.
Поради смената на судечкиот совет, двата предмети сега ќе треба да започнат од почеток.
