Судијата Владимир Туфегџиќ од Основниот кривичен суд поднесе иницијатива за измени на Законот за кривична постапка, во контекст на пречките што се покажаа изминатите месеци и доведуваат до одолговлекување на постапките, при што некои се враќаат на почеток. Конкретно, неговиот предлог е инициран од случајот со кој се соочија пет актуелни предмети што ги покрена СЈО поради промена во судечкиот совет – односно статусот на две судијки поротнички.
Во иницијативата судијата Туфегџиќ укажува дека се потребни измени и дополнувања во членот 371 од Законот за кривичната постапка, со тоа што ќе се предвиди дека при промена на составот на судечкиот совет започнатата кривична постапка непречено ќе продолжи откако на новите членови на постојниот судечки совет на нејавна седница ќе им бидат презентирани дотогаш изведените докази во текот на кривичната постапка, за што ќе се состави записник за одржана нејавна седница на судечкиот совет.
Тој предлага да се избришат законските решенија кои предвидуваат согласност од странките за повторното изведување на веќе изведените докази.
Во иницијативата судијата Туфегџиќ ги образложува и останатите детали, во однос на тоа кој би ја закажувал таквата нејавна седница.
Предлогот е тоа да биде претседателот на судечкиот совет, а доколку дојде до промена и на претседателот на судечкиот совет и судечкиот член на судечкиот совет, тогаш би ја иницирал претседателот на Кривичниот суд. Претседателот на Кривичниот суд би закажувал ваква нејавна седница и во случаите во кои одлучува судија поединец и треба да настане промена токму на тој судија поединец.
„Сметам дека со имплементација на вакви измени во Законот за кривичната постапка би се запазило начелото на економичност и ефикасност во судската постапка и воедно би се оневозможило злоупотреба која како крајна цел има одолговлекување на започнатите судски постапки, особено во сложени кривични предмети со голем број материјални и вербални докази“, објаснува Туфегџиќ во иницијативата.
Тој укажува дека со ваквите промени што тој ги предлага се на линија на арбитрарната улога на судечкиот совет во кривичната постапка, која врз основа на изведените докази предложени од странките во кривичната постапка треба да изгради сопствено мислење во однос на кривичното дело кое на обвинетите им се става на товар.
„Оттаму сметам дека доказите што ги предлагаат странките во кривичната постапка се изведуваат со цел судот или судечкиот совет да ги утврди решителните факти и врз основа на тоа да изгради мислење и донесе мериторна одлука, а не обратно и затоа е потребно да се интервенира со ново и целоисходно законско решение кое ќе овозможи непречено водење на кривичните постапки“, се вели во иницијативата.

Сегашното законско решение, согласно чл. 371 ст. 2 од Законот за кривична постапка, во делот на продолжување на главната расправа, поради измена на составот на советот или судија поединец, наметнува обврска советот да може да одлучи определени сведоци и вештаци да не се сослушуваат повторно туку да се прочитаат нивните искази внесени во записниците од поранешната главна расправа доколку постои согласност на странките.
„Досегашната судска пракса покажала дека при промена на составот на судечкиот совет продолжувањето на веќе започната кривична постапка во целост зависи од согласноста на странките, во однос на веќе изведените докази. Во досегашното постапување во кривичните предмети пред Основниот кривичен суд, клучен фактор за одолговлекувањето на започнатите кривични постапки е токму изречната законска одредба од член 371 од ЗКП, која наметнува обврска на судечкиот совет да бара согласност од странките да се прочитаат веќе изведените материјални и вербални докази, а доколку таква согласност не биде дадена од странките во кривичната постапка, судечкиот совет во изменет состав мора одново да ги изведе сите докази“, се објаснува во иницијативата.
Од Кривичен велат дека иницијативата заедно со евентуалните забелешки и дополнувања од другите судии на Кривичниот суд ќе биде доставена до надлежните институции.
Иницијативата на судијата Туфегџиќ следува по случајот со предметот ТНТ кој најверојатно ќе се врати на почеток поради тоа што две судијки поротнички мора да го напуштат судечкиот совет според член 80 од Законот за судови, според кој мандатот им истекува со навршување 60 години, а притоа нема назначено заменици. Дополнително, на една од поротничките ѝ завршува и четиригодишниот мандат. Од истите причини уште 4 предемети што ги покрена СЈО – „Талир“, „Тендери“, „Топлик“ и „Монструм“.

Судскиот совет на седницата закажана за утре ќе констатира прекин на мандатот на две судијки поротнички, Лилјана Ивановска-Кочковска и Марика Кондовска.
Одлуката следува откако до нив стаса барање од претседателот на Кривичниот суд, Иван Џолев, во кое барал на двете судијки кои веќе имаат по 60 години да им се продолжи мандатот заради исклучителен јавен интерес и за обезбедување на владеење на правото. Но, Џолев, исто така, навел дека ако Судскиот совет не одлучи да им го продолжи мандатот, тогаш да започне постапка за престанок на функцијата на двете поротнички.