Кривичниот суд сега треба да одлучи по предлогот на Обвинителството за организиран криминал и корупција кое бара притвор за судијата во Врховниот суд, Наке Георгиев. За него, како што соопшти ОЈО ГОКК, постои основано сомнение за сторено кривично дело примање награда за противзаконито влијание
Врховниот судија Наке Георгиев попладнево е спроведен пред судија на претходна постапка во Основниот кривичен суд Скопје, јавува МИА. Судот сега треба да одлучи по предлогот на Обвинителството за организиран криминал и корупција кое бара притвор за Георгиев.

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупцијата (ОЈО ГОКК) денеска преку соопштение официјално информира за вчерашната акција на МВР во која беше уапсен судијата Наке Георгиев. Против него, како што соопштија од Обвинителството, е покрената истрага поради основано сомнение за сторено кривично дело примање награда за противзаконито влијание од член 359 од Кривичниот законик.
Обвинителството побара и притвор за Георгиев кој, како што информираше и МВР вчера, бил затекнат при извршување на кривичното дело.
Доцна синоќа Судскиот совет на итна седница одлучи да му го одземе имунитетот на Георгиев и да ја одобри мерката притвор. Имунитетот на судијата кој беше уапсен поради сомневања за примање поткуп, како што информира Судскиот совет, се одзема заради непречено водење на кривичната постапка.
Покрај за Георгиев, ОЈО ГОКК отвори истрага и против уште едно лице поради сомнение за сторено исто кривично дело примање награда за противзаконито влијание. Од Обвинителството не откриваат, но повеќе медиуми објавија дека второосомничениот во случајот е членот и заменик-претседател на Советот на јавни обвинители, Иџет Мемети, во чија канцеларија ноќеска истражни тимови извршиле претрес. Дека бил извршен претрес за „360 степени“ потврди претседателката на Советот на јавни обвинители.