Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал ги опиша дејствијата поради кои трага по судијата и член на Судскиот совет Зоран Теофиловски. Тој е првиот во група од осум лица кои се сомничат дека сториле кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување поради незаконска легализација и приватизација на државно земјиште во Тетово.

Што му се става на товар на судијата Теофиловски?
Според обвинителството, првоосомничениот, кон крајот на август 2011 година, како претседател на спортско здружение од Тетово, започнал постапка за легализација на непостоечки објект, поднесувајќи лажни докази за противправно да се изврши упис на право на сопственост. Кон барањето за легализација, до Општина Тетово приложил нотарски заверена изјава со која лажно изјавил дека објектот е изграден во 1995 година. Приложил и геодетски елаборат што му го изготвил второосомничениот во кој е прикажан непостоечкиот објект со површина од 122 м2.
„На почетокот на 2012 година, постапувајќи по поднесеното барање, две осомничени лица како членови на надлежната Комисија, со неизвршување на својата службена должност, извршиле увид на лице место и изготвиле записник, внесувајќи невистинит податок дека на парцелата постои бесправно изграден објект што претставува градежна и функционална целина. Подоцна, третоосомничениот со искористување на својата службена положба и овластување, иако знаел дека постојат правни пречки за издавање на урбанистичка согласност и продолжување на постапка за утврдување на правен статус за непостоечки бесправно изграден објект, изготвил и потпишал Урбанистичка согласност на име на непостоечко правно лице, со оглед на тоа што правниот наследник на спортското здружение е регистриран во Централниот регистар на РМ три месеци по донесување на урбанистичката согласност. Во декември 2012 третоосомничениот изготвил и потпишал Решение за утврдување на правен статус на бесправно изграден објект“,
соопштија од обвинителството.
Додека легализацијата сè уште не била завршена, управителот на Друштвото за спортски активности кој е шестоосомничен, со намера да прибави противправна имотна корист за правното лице, поднел Барање за купување градежно земјиште – сопственост на државата. Со барањето приложил Извод од деталниот урбанистички план што по негово барање противзаконски бил изготвен од страна на третоосомничениот кој внел невистинити податоци во планот.
Осмоосомничениот, пак, постапувајќи по предметот, наместо да го одбие заради неисполнување на законските услови за приватизација на градежно земјиште во државна сопственост, без Извод од урбанистички план и без донесен ДУП, изготвил Решение за приватизација на градежното земјиште.
Како што соопштија од обвинителството, седуммина од осомничените му овозможиле на Теофиловски да се стекне со право на сопственост на градежно земјиште со површина од 4410 м2 откупувајќи го по цена од 43 денари за 1м2 или во вкупна вредност од 3.000 евра, а оштетувајќи го државниот буџет за 860.500 евра.
Обвинителството бара мерка притвор за шест од осомничените лица и мерки за претпазливост за двајцата преостанати.