Од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција велат оти се продолжува со постапување по случајот и дека ценејќи ги сите околности, јавниот обвинител деновиве ќе процени во однос на мерки за обезбедување присуство на осомничениот
Судијата Ѓоко Ристов, во чиј семеен дом беа пронајдени 350 000 евра скриени во ѕид, засега останува на слобода. Од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција вечерва соопштија дека предметниот јавен обвинител деновиве ќе реши дали ќе побара притвор или друга мерка за Ристов.
„Се продолжува со постапувањето и јавниот обвинител, ценејќи ги сите околности, деновиве ќе процени во однос на мерки за обезбедување присуство на осомничениот, за што навремено ќе информираме“,
велат од ОЈО ГОКК.
Имунитет
Согласно членот 104 од новиот Закон за Судски совет, Советот со најмалку седум гласа од вкупниот број членови со право на глас (тринаесет членови), дава согласност по барањето за одобрување притвор на судија и му го одзема имунитетот, освен ако е затечен во вршење кривично дело за кое е пропишана казна затвор во траење од најмалку пет години.
Во истиот член е пропишано дека постапката во која Советот дава согласност по барањето за одобрување притвор на судија е итна и се спроведува во рок од 24 часа од доставеното барање.
Но, засега нема такво барање од ОЈО ГОКК.

Инаку, ОЈО ГОКК и МВР претходно денеска информираа оти во домот на родителите на судија од Апелацискиот суд Скопје, во Неготино, при претрес, се пронајдени 350 000 евра кои биле соѕидани во простор во ѕидот. Од ОЈО ГОКК соопштија дека сомнежите се дека пронајдените пари се незаконски стекнати, а постапката која резултира со денешните претреси е проширување на истрагата иницирана на 14 декември, кога беше осомничен адвокатот и поранешен државен правобранител Фехми Стафа за кривичното дело примање награда за противзаконито влијание.
Непосредно по примањето на парите, осомничениот Стафа беше лишен од слобода, при што кај него беа пронајдени и одземени паричните средства.
