Одлуката за предложените мерки за обезбедување присуство на Ристов, Кривичниот суд ја донесе откако претходно денеска Судскиот совет се произнесе по барањето на апелацискиот судија да му биде одземен судискиот имунитет и да му биде одредена мерката куќен притвор
Мерките, како што наведуваат од Кривичен, се одредени откако осомничениот судија и надлежниот јавен обвинител се произнеле во врска со нив пред судијата на претходна постапка
Судија на претходна постапка го прифати предлогот на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) и на апелацискиот судија Ѓоко Ристов му одреди мерка куќен притвор, соопштија вечерва од скопскиот Основен кривичен суд.

Покрај куќниот притвор, на Ристов му е одземен и пасошот, како дополнителна мерка за обезбедување присуство што исто така ја бараше ОЈО ГОКК.
Мерките, како што наведуваат од Кривичен, се одредени откако осомничениот судија и надлежниот јавен обвинител се произнеле во врска со нив пред судијата на претходна постапка.
„Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, постапувајќи по предлог на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, за определување мерки за обезбедување присуство и мерки за претпазливост против Ѓ.Р. , по произнесување на осомничениот и надлежниот јавен обвинител, донесе решение со кое предлогот на ОЈО се прифаќа и на осомничениот му се определува мерка куќен притвор како и дополнителна мерка за обезбедување присуство, односно Одземање на патна исправа и забрана за издавање нова“,
велат од Кривичен.
Против решението на судијата на претходна постапка, странките, како што потсетуваат од судот, имаат право на жалба пред Кривичниот совет на Основниот кривичен суд Скопје, кој е единствено надлежен за постапување по предметите на ОЈО ГОКК.
Одлуката за предложените мерки за обезбедување присуство на Ристов, Кривичниот суд ја донесе откако претходно денеска Судскиот совет се произнесе по барањето на апелацискиот судија да му биде одземен судискиот имунитет и да му биде одредена мерката куќен притвор.
За одземање на имунитетот на судијата Ристов и одобрувањето на одлуката тој да оди во куќен притвор, „за“ гласаа сите десет присутни члена на Судскиот совет на денешната итна седница.
На овој момент се посочува и во соопштението од Основниот кривичен суд Скопје.
„Со оглед да осомничениот, кој се товари за две кривични дело и тоа Перење пари и други приноси од член 273 став1 и противправно стекнување и прикривање имот од член 359 – а став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик, е апелациски судија, судот, пред одлучување, предлогот на ОЈО го достави до надлежниот Судски совет на РСМ, кој одлучуваше по однос на судискиот имунитет, а по добиена согласност од Советот, го прифати предлогот“,
велат од Кривичен.
Инаку, дискусијата меѓу членовите на Судскиот совет во врска со барањето се водеше зад затворени врати, односно јавноста беше исклучена од овој дел од седницата, со цел, како што образложија од Советот, да не се повреди тајноста на истражната постапка.
Покрај одземањето на имунитетот и одобрението да му биде одреден куќен притвор, Судскиот совет донесе и одлука Ристов времено да биде оддалечен од вршењето на судиската функција, до правосилното завршување на кривичната постапка.
Речиси истовремено со одлуката на Судскиот совет, Министерството за внатрешни работи (МВР) попладнево соопшти дека поднело кривична пријава против судијата во Апелацискиот суд Скопје и сподели детали од претресот во неговиот семеен дом во Неготино, каде што викендот истражните органи пронајдоа 350 000 евра соѕидани во простор од ѕид.
„На првиот кат, поточно во кујнската просторија, биле забележани сомнителни околности за изведување на градежни активности (корекција на ѕидните плочки), по што при отстранување на една ѕидна керамичка плочка, забележана е дупка во која се наоѓале алуминиумски ролни во форма на цилиндар, спакувани во поединечни 13 пакувања, во кои пронајдени се вкупно 610 банкноти во апоени од по 500 евра и 225 банкноти во апоени од по 200, или вкупно 350 000 евра“,
соопштија од МВР.

Инаку, од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) во неделата соопштија дека сомнежите се дека пронајдените пари се незаконски стекнати, а постапката која резултираше со претресот во домот на Ристов е проширување на истрагата иницирана на 14 декември, кога беше осомничен адвокатот и поранешен државен правобранител Фехми Стафа за кривичното дело примање награда за противзаконито влијание.
„Станува збор за една од најопсежнит истраги поради сомненија за висока корупција во нашата држава досега, која е поткрепена ос информации и известувања од Агенцијата за национална безбедност (АНБ)“,
соопштија од ОЈО ГОКК во неделата.
Поранешниот државен правобранител Стафа беше уапсен на 13 декември минатата година, во рамките на постапка што против него ја поведе Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), поради основано сомнение дека сторил кривично дело примање награда за противзаконито влијание.
Како што информираа тогаш од Обвинителството, во периодот од октомври до 13 декември, осомничениот Стафа примил вкупно 50 000 евра за да посредува и да влијае кај судија во Апелацискиот суд Скопје во врска со предмет што се водел против негов клиент, односно лице што го застапувал како адвокат. Намерата, според ОЈО ГОКК, била преку поткуп да се влијае врз извршување службено дејствие кое не смеело да биде преземено.
Непосредно по примањето на парите, осомничениот Стафа беше лишен од слобода, при што кај него беа пронајдени и одземени паричните средства. Инаку, лицето за кое поранешниот државен правобранител требало да издејствува укинување мерка притвор е осомничениот во случајот „Синџир“, Љупчо Пецов, познат по прекарот Ѓаволот.
Повеќе детали во врска со истрагата против апелацискиот судија Ѓоко Ристов се очекува на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција да соопшти на брифингот за новинарите закажан за утре напладне.
