Во прилог на ваквиот став, тетовските судии даваат хронолошки осврт на целиот предмет против обвинетиот Менсур Пајазити од поднесувањето на обвинителниот предлог од Основното јавно обвинителство Тетово на 6 јуни 2023 година, преку првата првостепена пресуда, одлуките на Апелација и Врховниот суд, до пресудата во понеделникот што предизвика бурни реакции во јавноста
Тие апелираат до сите чинители во општеството да се воздржат од неоправдани коментари и да не се користи, како што наведуваат, ова пресуда за неосновани напади на судиите, стигматизирање и јавен линч на судиите кои постапувале во конкретниот предмет, заради постигнување други цели
Тетовскиот судија Елмедин Ферати, кој го осуди на две години затвор обвинетиот што пред речиси три години смртно ја прегази 22-годишната Теодора Ристовска, донел законита одлука, велат од подружницата на Здружението на судии на РС Македонија, при Основниот суд во Тетово.

Од подружницата на Здружението денеска испратија соопштение до медиумите, во кое велат дека судијата во повторената постапка го осудил обвинетиот со максималната дозволена казна затвор. Како аргумент ја наведуваат забраната за менување на полошо (Reformatio in peius) предвидена како начело во Законот за кривична постапка, а кое се применува во ситуација кога по барање на обвинетиот Врхвониот суд ги укинал претходните пресуди и предметот го вратил на повторно одлучување.
Поради оваа забрана, се вели во соопштението, новата пресуда не смее да се измени на штета на обвинетиот, ниту во однос на правната квалификација на делото, ниту во однос на кривичната санкција.
Во прилог на ваквиот став, тетовските судии даваат хронолошки осврт на целиот предмет против обвинетиот Менсур Пајазити од поднесувањето на обвинителниот предлог од Основното јавно обвинителство Тетово на 6 јуни 2023 година, преку првата првостепена пресуда, одлуките на Апелација и Врховниот суд, до пресудата во понеделникот што предизвика бурни реакции во јавноста.
Според соопштението, а како што веќе и е познато, според првата првостепена пресуда од 30 ноември 2023 година, Пајазити бил осуден на затворска казна од три години и шест месеци.
Казната на две години ја намалува Апелацискиот суд во Гостивар во жалбената постапка.
„По поднесена жалба од страна на обвинетиот Апелацискиот суд Гостивар со пресуда КЖ.р.64/24 од 16.04.2024 година, ја преиначил првостепената пресуда во делот на казната со тоа што истата ја намалил и обвинетиот го осудил на казна затвор во траење од 2 (две) години. Врховниот суд на Репулика Северна Македонија постапувајќи по барањето за вонредно преиспитување на правосилна пресуда на осудениот, донесе пресуда КВП 2 р.106/24 од 25.12.2024 година со која барањето на осудениот го уважил и пресудите на Основниот суд Тетово и Апелацискиот суд Гостивар ги укинал и предметот го вратил на повторно судење на првостепениот суд. По враќање на предметот во Основниот суд Тетово, истиот е распределен на друг судија, бидејќи судијата кој претходно постапувал по предметот замина во пензија. Во повторената постапка, на одржаната главна расправа на ден 07.04.2025 година, откако обвинетиот дал признание на вина судот донел и јавно ја објавил пресудата со која обвинетиот е огласен за виновен за сторено кривичното дело од ‘небрежност’ тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од о чл.300 ст.4 в.в. со чл.297 ст.3 в.в со ст.1 од КЗ и го осудил на казна затвор во траење од 2 (две) години“,
се вели во соопштението од подружницата на Здружението на судии.
Според нив, од нивните аргументи јасно може да се утврди дека судиите на Основниот суд Тетово постапиле исклучиво согласно пропишаните законски норми.
Тие апелираат до сите чинители во општеството да се воздржат од неоправдани коментари и да не се користи, како што наведуваат, ова пресуда за неосновани напади на судиите, стигматизирање и јавен линч на судиите кои постапувале во конкретниот предмет, заради постигнување други цели.
„На тој начин се нарушува угледот на судиите, се задира во независноста на судството и се повредува функционирањето на владеењето на правото како основна демократска придобивка“,
велат тетовските судии од Здружението.

Пресудата на судијата Елведин Ферати предизвика бурни реакции во јавноста, од кои дел се однесуваа и на интегритетот на судијата.
Предметот стигна и во рацете на Судскиот совет.
Претседателот на Советот, Александар Камбовски, денеска изјави дека работната група што ја формира за да го анализира предметот, го доставила извештајот до него, но како што рече, сè уште не ја видел информацијата. Работната група, составена од три члена, требаше да го разгледа предметот од првиот ден кога обвинението влегло во судот па сè до понеделникот кога по вторпат почна и заврши во тетовскиот суд.
„Завршена е работата на работната група, доставена е информација, меѓутоа сè уште немав можност да ја видам таа информација и веднаш ќе биде објавена и предметот ќе биде вратен назад во судот. Во текот на денот очекуваме да излеземе со повеќе информации“,
изјави денеска Камбовски по свечените изјави на неколкумина нови претседатели на судови.
Семејството за загинатата Теодора Ристовска во отворено писмо, меѓу другото, соопшти дека очекува и се надева дека Судскиот совет адекватно ќе постапи во врска со, како што велат, скандалозната и срамна одлука на тетовскиот судија Елведин Ферати, кој во понеделникот го осуди обвинетиот Менсур Пајазити на две години затвор за сообраќајката пред речиси три години.