Премиерот нагласи дека неговата критика не се однесува на сите и вели дека меѓу нив „има неколкумина измеќари кои го контаминираат целото обвинителство и судство“

Судиите со два проценти рејтинг треба да си заминат дома, вели премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Тој денеска најави дека по завршување на локалните избори ќе се знае каква акција ќе се преземе за прочистување на судско-обвинителскиот систем.
„Да почекаме да завршат локалните избори и ќе видите какви чекори ќе преземеме. Со два проценти рејтинг треба да си заминат дома, а не да бараат повисоки плати и повисок буџет“,
рече Мицкоски, кој денеска беше на средба со претставници на Стопанската комора на северо-западна Македонија.
Премиерот нагласи дека неговата критика не се однесува на сите и вели дека меѓу нив „има неколкумина измеќари кои го контаминираат целото обвинителство и судство“.
„Кога јас би имал два проценти рејтинг, би си заминал, нема да се занимавам со ова што се занимавам“,
кажа Мицкоски.
Премиерот претходно во повеќе наврати рече дека не се согласува судиите и обвинителите да земаат повисоки плати, како што предвидуваат реформските закони во правосудството, бидејќи одлуките што ги носат и рејтингот што го имаат, според него, покажуваат дека не ги заслужуваат.
На ова реагираа од здруженијата на судии и јавни обвинители, од каде што рекоа дека имаат најниски плати во регионот.