Својот одговор до премиерот, судиите го заокружуваат со забелешка дека со неговите коментари тој го нарушува демократскиот принцип на рамноправност на трите власти – судската, законодавната и извршната, потсетувајќи дека судската власт е уставна категорија, а Уставот и независноста на судската власт треба да се почитуваат
Инаку, Судскиот совет, Врховниот суд и Здружението на судии и претходно реагираа на критиките на Мицкоски за нивната работа. Сепак, она што ја издвојува оваа реакција од претходните е што во неа е назначено на кого конкретно се однесува, односно соопштението е во форма на обраќање и почнува со фразата: „Господине премиер“
Двете највисоки тела на судската власт во државата и Здружението на судии денеска преку писмено соопштение реагираа на критиките што премиерот Христијан Мицкоски вчера повторно ги упати до судиите велејќи дека нема да прави реформи во правосудниот систем, што, според него, предвидуваат само зголемување на нивните плати.

Мицкоски ги доведе реформите во корелација со враќањето државни долгови од две милијарди евра, наведувајќи дека Владата не може да одвои повеќе пари од буџетот за независно финансирање на обвинителство и судовите од, како што кажа, најразвиените земји во Европската Унија.
Говорејќи во таа насока, тој иронично рече дека ќе ја донира својата плата за судиите и јавните обвинителите, само да судат, како што рече, согласно закон, а не како што прават досега.
Во заедничко соопштение, од Судскиот совет, Врховниот суд и Здружението на судии оценија дека премиерот со неговите коментари за судиите и судството ја преминал границата на добро однесување и преминал во неаргументирани и паушални напади.
„Веќе подолго време Вашите коментари кои ги давате за судиите и судството ја преминаа границата на доброто однесување и преминаа во неаргументирани и паушални напади. Критиката е добронамерна само кога се даваат конкретни забелешки и конкретни предлози за решавање на проблемите. Неаргументирана критика е покажување на намера ништо да не се преземе за подобрување на состојбите, туку севкупната општествена апатија да се префрли како вина на судиите“,
се вели во соопштението.
Судскиот систем, како што се посочува во него, никогаш не генерирал долгови, па оттаму, се додава, е нејасно каква е поврзаноста на судството со државниот долг од две милијарди евра, „кој недвосмислено е последица на постојаното задолжување на извршната власт, во минатото и сега“.
Според трите судски тела, ситуацијата во однос на буџетот е сосема спротивна. Наведуваат дека токму судовите преку наплата на паушали и парични казни со години наназад ја полнат државната каса, а за возврат не добиваат никаков поврат од буџетот, во смисла на нови вработувања, дигитализација на услугите, опремување на судниците…
Во таа насока судиите посочуваат на последниот Извештај на Европската комисија (ЕК), во кој, како што велат, јасно е нагласено дека најголемиот проблем во судството е независноста на судиите, која е поткопана од постојано мешање на извршната и законодавната власт.
„Како круцијален проблем е истакната и финансиската зависност на судството од државниот буџет, а во оваа смисла платите на судиите се само еден сегмент од финансиската независност. Ова се проблеми кои државата мора да ги поправи бидејќи тие се суштински за европската перспектива на земјата“,
се вели во заедничкото соопштение.
Својот одговор до премиерот, судиите го заокружуваат со забелешка дека со неговите коментари тој го нарушува демократскиот принцип на рамноправност на трите власти – судската, законодавната и извршната.
„Судската власт е уставна категорија, а Уставот и независноста на судската власт треба да се почитуваат“,
потсетуваат од Судскиот совет, Врховниот суд и Здружението на судии.

Инаку, од овие тела, пред сè од Судскиот совет и Здружението на судии, и претходно реагираа на критиките на Мицкоски за нивната работа. Сепак, она што го издвојува оваа реакција од претходните е што во неа е назначено на кого конкретно се однесува, односно соопштението е во форма на обраќање и почнува со фразата: „Господине премиер“, што не беше случај претходно.
За потсетување, премиерот во периодот пред изборите, говорејќи во контекст на реформите во правосудниот систем, жестоко ги нападна судиите и јавните обвинители, за кои рече дека не ги заслужуваат платите што сега ги земаат, а не, пак, нивно покачување, што, во суштина, според него предвидуваат реформските закони.
Во идентичен тон, тој говореше и вчера, одговарајќи на новинарски прашање за реформите, што самиот ги најави по изборите, а кои беа нотирани и во Извештајот на Европската комисија за напредокот на земјава за 2025 година.
„Што се однесува до реформите, реформите се однесуваат зголемување на платите. Тоа е главната реформа, тоа се реформите. Промената во шесте закони – јавнообвинителска служба, судска служба, Судски совет, Совет на јавните обвинители итн. главната реформа од ова сè е да се зголемат платите. Следната година треба да вратиме како држава поради задолжувања во минатото, не од оваа влада, повеќе од две милијарди евра од буџетот од околу шест и пол милијарди евра. Тука треба да имаме пензии, социјални трансфери, плати, комунални трошоци и треба да вратиме повеќе од две милијарди евра, што некој душмански ги задолжувал државата и неродените генерации. Еве ја повикувам јавноста нека каже, ако мисли дека треба да ги дуплираме платите на обвинителите и судиите слободно кажете“,
рече премиерот.
Велејќи дека е подготвен да ја донира својата плата за судиите и јавните обвинителите, само да судат, како што рече, согласно закон, а не како што прават досега. Тој додаде оти е свесен дека ќе биде критикуван поради овој негов став, но, како што кажа, моралот не му дозволува да се согласи да се зголемат плати на луѓе кои, според него, немаат никаков рејтинг.
„360 степени“, вчера во своето магазинско издание емитувано на МРТ 1, објави сторија која ги открива намерите на власта буџетирањето на судската власта да биде според учинок, а не како досега со издвојување на одреден процент од БДП.
Според актуелното законско решение, Владата односно Собранието се обврзани да одвојат најмалку 0,8% од БДП за буџетот за Судската власт. И оваа и сите претходни влади одвојуваат околу 0,3%, поради што во последниот извештај Европската комисија оцени дека судството и неговата финансиска автономија се под притисок на другите власти
Од Министерството за финансии, пак велат дека процентуалното пресметување на буџетот на судската власт во однос на БДП, не обезбедува гаранција за економично, наменско и рационално трошење на буџетските средства, туку тоа се обезбедува по пат на следење на индикатори на успешност.
Буџетирањето базирано на резултати би ја подобрило ефикасноста и ефективноста на судската власт преку поврзување на трошоците со резултатите што се постигнуваат – велат оттаму.
