Невладината реагира затоа што смета дека се прекршени неколку одредби и потенцира дека судот може да побара супервештачење во фаза кога судењето е во дополнение на доказна постапка, а не во фаза на изведување докази од одбраната, како и тоа дека вештакот треба да се избере електронски по случаен избор од регистарот на вештаци, што не е случај во конкретниот предмет
Вештакот кој го изготвил извештајот е актуелниот директор на Агенцијата за катастар и тоа, според Коалицијата, е спорно затоа што додека тој е на таа позиција не смее да изготвува вешти наоди
Судечкиот совет во предметот „Топлик“ да се придржува и ги почитува начелата на објективност, непристрасност, но и начелото на еднаквост на оружјата, како не би се довеле во прашање правата на обвинетите лица во постапката, поврзани со принципот на фер и правично судење, апелира Коалицијата „Сите за правично судење“.
Станува збор за предметот кој првично го отвори СЈО, а сега се наоѓа во рацете на редовните обвинителства, и во кој за изградбата на елитниот комплекс „Сончев град“ обвинети се ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и уште пет други лица. Причината за реакцијата на Коалицијата е односот на судечкиот совет од Основниот кривичен суд во Скопје, во кој прв судија е Осман Шабани, а втор Огнен Ставрев, кон вештачењето кое го предложил и побарал јавниот обвинител Бурим Рустеми.
Станува збор за вештачење кое првично обвинителот го предложил како доказ во февруари лани, но по приговор на одбраната судечкиот совет одбил да го прифати бидејќи вештакот кој го направил во моментот на изготвување немал важечка лиценца. Со оглед дека минатата година било одбиено, на рочиште на 10 јуни годинава, Рустеми побарал судот да издаде наредба за ново вештачење од истиот вештак со оглед дека сега има валидна лиценца, што било прифатено од судечкиот совет и вештачењето било изготвено. Коалицијата реагира токму на ваквата одлука на судот бидејќи смета дека е спорна од неколку аспект.
Прво, тие нагласуваат дека е спорно од аскет на непристрасното водење на постапката односно дека судот е должен да гарантиран еднаков натпревар на двете страни – обвинителство и обвинети. Меѓутоа, во конкретниот случај тоа е нарушено бидејќи, нагласуваат од невладината, судечкиот совет не треба да издава наредба за вештачење во оваа фаза.
„Законот за кривичната постапка ги предвидува точните околности под кои судот може да издаде наредба за вештачење во текот на постапката. Конкретно, ова е уредено во чл. 236 ст. 3, каде е предвидено декана главна расправа, судот може да издаде наредба за вештачење согласно членот 394 ст. 2 од овој закон. Во овој член пак, членот 394 од ЗКП децидно е наведено дека судот може да издаде наредба за супервештачење кога доказната постапка е во фаза на дополнение, што не е апликативно во овој случај, бидејќи конкретниот предмет се наоѓа во фаза на изведување на докази од страна на одбраната на обвинетите“,
велат од Коалицијата.
Дополнителна „дамка“ на судската одлука да издаде наредба за вештачење е и начинот на кој се избрал вештакот – истиот кој го изработил и првичното одбиено вештачење. Ова од причина, како што објаснуваат, што законот предвидува дека судот по случаен избор односно електронски од регистарот на вештакот, треба да одреди кој вештак да изготви извештај.
„Дополнително, во поткрепа на погорниот став е и фактот дека коментарот на Законот за кривичната постапка појаснува дека за судот да може да издаде наредба за супервештачење, потребно е да има изготвено вештачење со наредба од страна на јавниот обвинител и стручно мислење од страна на техничкиот советник на одбраната дадено на главна расправа преку непосредно испитување на странките, што повторно не е случај во овој предмет, со оглед дека во истиот нема спротивставени вештачења бидејќи вештиот наод и мислење предложен од страна на јавниот обвинител не беше изведен на главната расправа како доказ за поткрепа на обвинението“,
велат од Коалицијата.
Уште една спорна околност што ја наметнуваат набљудувачите од оваа невладина, е што вештачењето било изготвено многу брзо односно како што било истакнато и во судница, станувало збор за идентично вештачење кое претходното кое било одбиено.
На листата спорни аскепти е и што вештакот е актуелен директор на Агенцијата за катастар на недвижности што пак е спорно со Законот за катастарот на недвижности кој предвидува дека вработен во оваа Агенција не смее да врши никаква друга функција што во конкретниот случај значи дека додека вештакот седи во директорското столче не смее да прави и вештачења.