Причината за протестот е тоа што на обвинител од Првото основно јавно обвинителство во Белград не му било дозволено да изврши увид по инцидент во шаторската населба „Ќациленд“, како и поради најавените измени на законот за Обвинителството за организиран криминал
Судии, обвинители и адвокати од цела Србија денеска протестираа пред Уставниот суд и Правниот факултет во Белград, поради, како што тврдат, политички притисоци врз судството.

Причината за протестот, како што и претходно беше најавено, е тоа што на обвинител од Првото основно јавно обвинителство во Белград не му било дозволено да изврши увид по инцидент во шаторската населба „Ќациленд“ пред српскиот парламент, каде што престојуваат поддржувачи на власта.
Дополнителна причина за одржаниот протест се најавените измени на законот за Обвинителството за организиран криминал според кои ова Обвинителство би станало дел од Вишото јавно обвинителство.
Според присутните на протестот, ваквите законски измени ќе предизвикаат Обвинителството за организиран криминал и корупција да ја изгуби својата автономија и независност, што, како што велат, покажува дека државата недвосмислено се откажува од институционалната борба против организираниот криминал.
Протестот заврши пред Правниот факултет во Белград, каде што се одржа 16-минутен молк во знак на почит кон жртвите кои ги загубија животите при падот на натстрешницата на Железничката станица во Нови Сад.
