Во рамките на доказната постапка ќе се презентираат и видеоматеријали. Според информациите од Обвинителството, на рочиштата нема да се гледаат цели видеоснимки, туку фокусот ќе биде ставен на делови кои се релевантни за постапката
Како што брифираат оттаму, при презентирањето на дел од доказите е можно да се бара и исклучување на јавноста доколку се процени дека материјалот е деградирачки во однос на жртвите во трагедијата
Утре во судницата во Идризово треба да продолжи главниот судски процес за пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани, во кој загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени. Она по што ова и следните неколку рочишта ќе бидат различни од претходните е што постапката за предметот треба да влезе во нова фаза.

На утрешната главна расправа треба да заврши делот од постапката на сослушување сведоци предложени од Обвинителството и да се продолжи со изведување на материјалните докази.
Попрецизно, како што брифираат од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, утре е предвидено искази да дадат уште тројца оштетени, но нивното доаѓање во судницата е неизвесно. Доколку не се појават, а вакви информации Обвинителството добило од нивните родители, тогаш пред судот ќе се прочитаат нивните искази дадени во истрагата.
По ова тимот обвинители ќе продолжи со новата фаза од постапката, а тоа е изведување на материјалните докази.
Од Обвинителството велат дека постапката ќе започне со изведување на доказите од обдукциските наоди, изготвени од Институтот за судска медицина, криминалистика и медицинска деонтологија на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.
Едно од прашањата на кое одговорот најверојатно ќе се дознае на утрешното рочиште е начинот на кој ќе се изведуваат овие докази.
Општо постапката за оваа фаза од главната расправа е уредена во четирите става од членот 392 од Законот за кривична постапка (ЗКП).
„Материјалните докази како записник за увид, потврда за одземени и вратени предмети, книги, списи и друго, кои не се повторливи на главната расправа, ќе се внесат во записникот за главна расправа.
-Доказите од ставот (1) на овој член се доставуваат во оригинал.
-По исклучок од ставот (2) на овој член може да се користи како доказ и заверен препис или заверена копија.
-Доказниот материјал од ставот (1) на овој член се чита ако странките поинаку не се договорат“,
се вели во овој член.

Имено, она што ќе треба да се договорат странките во постапката, Обвинителството и одбраната на обвинетите, е дали доказите ќе бидат директно внесени во записник или ќе се читаат секој поединечно на главната расправа.
Од Обвинителството брифираат дека нивната намера и предлог ќе биде доказите да се внесуваат во записник, но за секој доказ обвинителите да дадат објаснување на неговиот контекст и околностите и како сето тоа кореспондира со тезите и наводите во самиот обвинителен акт.
Обвинителството, брифираат оттаму, ја претпочита оваа, условно кажано, методологија за да може јавноста да стекне подобар увид во самите доказите и она што тие го велат и го покажуваат во однос на настанот и лицата обвинети во врска со него.
„Начинот на презентација на доказите ќе биде поинаков за да се задоволи јавноста и одбраната во однос на изведувањето на доказите“,
велат од Обвинителството, но тоа во голема мера ќе зависи и од Судот кој треба да се изјасни дали ќе дозволи доказите да бидат изведени на ваков начин.
Имено, изведувањето на материјалите од обдукциските наоди на Судска медицина треба да даде одговор, меѓу другото, и на прашањата што се наметнаа во јавноста околу причините за смртта на настраданите во трагедијата, односно какви се гасови се создале во т.н. кабаре од избувнувањето на пожарот и дали и на кој начин придонеле за трагичниот исход.
Инаку, родителите на загинатите извесно време бараат одговори на прашањето дали се направени токсиколошки анализи на крвта на нивните најмили и дали во нив е утврдено присуство на водороден цијанид.
Ова треба да се дознае токму во оваа фаза од главната расправа.
Од Обвинителството брифираат дека во оваа фаза треба да се слушнат докази не само за огнот, туку и за гасовите, а во склоп со други околности во објектот, како неговата големина, бројот на гости критичната вечер и други елементи кои се однесуваат на последицата, а не само на причината за пожарот.

Во однос на прашањето за цијанидот и што имало во крвта на жртвите, од Обвинителството наведуваат дека сè е анализирано и ќе биде изнесено во судница од вештите лица.
„Тоа е опфатено со првичната наредба, тоа е се испитано и ќе биде изведено во судница од вештото лице. Ова прашање беше приоритет над приоритетите и од аспект да се утврди што вдишувале преживеаните за да пратат нашите здравствени власти навремена информација до сите центри каде што беа праќани на лекување“,
велат од Обвинителството.
Во рамките на доказната постапка ќе се презентираат и видеоматеријали. Според информациите од Обвинителството, на рочиштата нема да се гледаат цели видеоснимки, туку фокусот ќе биде ставен на делови кои се релевантни за постапката.
„Идејата е да не се гледаат целосно видеата бидејќи на нив има и работи кои не ни е цел да ги докажуваме. Поентата е да се презентираат одредени секвенци кои се поврзани со одреден дел од обвинителниот акт“,
велат од Обвинителството.
Како што брифираат оттаму, при презентирањето на дел од доказите е можно да се бара и исклучување на јавноста, доколку се процени дека материјалот е деградирачки во однос на жртвите во трагедијата.
Од Обвинителството потенцираат дека тие нема да даваат интерпретација на доказите, туку само објаснување, а конечниот збор од анализата на материјалот ќе ја кажат во завршните зборови кога за тоа ќе дојде време.
Пожарот во „Пулс“ избувна на 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК и претставува една од најтешките трагедии во поновата историја на земјата.
Обвинети се 35 физички и три правни лица. Меѓу нив се сопственикот на „Пулс“, негови блиски, инспектори на државни институции, поранешни министри и припадници на агенцијата што го обезбедувала т.н. кабаре и нејзиниот сопственик.
На почетокот на судскиот процес сите се изјаснија дека не се чувствуваат виновни и ја оспорија тезата на одбраната дека има каузална, односно причинско-последична врска помеѓу нивните дејствија и причината за смртоносниот пожар.
