На новинарско прашање дали ќе го прифатат предлогот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ за надзорна расправа и формирање Анкетна комисија во Собранието за трагедијата во Кочани, но тоа да ги опфати и сите други трагедии во земјава, Филипче рече дека не бегаат од ниту една расправа за случена трагедија, но оти остава експертите во парламентот да одлучат дали тоа ќе биде во рамките на една комисија, или во посебни комисии
Лидерот на Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ), Венко Филипче, на денешната прес-конференција соопшти дека будно ќе го следат судскиот процес за трагедијата во Кочани, што денеска започна, како и дека ќе се спротивстават на секој обид за манипулација, прикривање на вистината или одолговлекување на правдата.

„Бараме и очекуваме процесот да се води отворено и транспарентно, пред очите на целокупната јавност. Ова го должиме на родителите, на сите граѓани и на целото општество. Ова е еден голем тест за зрелоста на нашето општество“,
рече тој.
Посочи дека е згрозен, но не и изненаден од реториката на премиерот во вчерашното интервју на ТВ Телма дека СДСМ води некрофилска политика.
„Во текот на вчерашното интервју повеќе од десетпати спомена дека СДСМ води некрофилска политика. И ова за него не е ново, туку го повторува веќе подолг временски период. Таа реторика ни покажува само едно, а тоа е фрустрација од неуспешните обиди да се сокрие вистината, или некои блиски луѓе до ВМРО-ДПМНЕ да се заштитат од истрагата, или некој дел од истрагата да се изманипулира и некои работи да се сокријат под маса. Тоа е страв од демократските алатки за докажување на вистината во овој случај и оваа трагедија“,
кажа лидерот на СДСМ.
Затоа, како што додаде, побарале Анкетна комисија и надзорна расправа во Собранието, а тоа барање вчера го доставиле и формално, што значи дека ќе ги искористат сите демократски механизми за да се истражи секој детаљ од оваа трагедија.
„Им порачувам и на родителите и на јавноста дека сè што правиме, уште веднаш по трагедијата, е барање за поддршка за семејствата и разоткривање на вистината за овој случај. И ова не е некрофилска политика. Нема да се откажеме од намерата да останеме цврсто во одбраната на јавниот интерес и правдата. Сите демократски алатки што ни се нудат како политичка партија, и преку Собранието и преку расправите што ги побаравме, ќе ги искористиме за вистината конечно да излезе на виделина“,
рече Филипче.
На новинарско прашање дали ќе го прифатат предлогот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ за надзорна расправа и формирање Анкетна комисија во Собранието за трагедијата во Кочани, но тоа да ги опфати и сите други трагедии во земјава, Филипче рече дека не бегаат од ниту една расправа за случена трагедија, но оти остава експертите во парламентот да одлучат дали тоа ќе биде во рамките на една комисија, или во посебни комисии.
„Излегуваат на виделина нечесните намери на ВМРО-ДПМНЕ. Ако сметале дека треба да има анкетни и надзорни расправи за тие трагедии, зошто досега не ги побарале? Зошто условуваат со ова ние што го бараме за Кочани? Никој не избега од Aнкетната комисија за Онкологија. Не бегаме од ниту една расправа. Нека се закаже за кој било случај, ние сме тука да дебатираме за сè. Очекуваме да се слушне сечиј глас. А ова е барање и на родителите“,
вели тој.
Според него, треба да се искористат сите механизми за овие случаи.
Премиерот Христијан Мицкоски синоќа на ТВ Телма рече дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата го прифаќа предлогот на опозицијата за формирање Aнкетна комисија во Собранието за случајот со Кочани, но под услов да се зборува и за сите останати трагедии што се случија изминатите години.
Посочи дека опозицијата е лицемерна и води некрофилска политика, оти од една страна тврди дека обвинителството и судството се под политички притисок на Владата, а од друга страна не им верува, па бара во Собранието анкетна и надзорна расправа за овој случај.
„Која порака да ја слушаат граѓаните? Ако велиме дека судиите се независни, логично е овој случај да биде во судот“,
кажа тој.
