Според судијката, мерката куќен притвор не може да биде укината и заменета со други мерки затоа што сè уште траат основите поради кои таа е одредена

Судот не го прифати барањето на Емил Митев, обвинет во „Пулс“, да му биде укинат куќниот притвор и да му бидат одредени други мерки.
Ова го соопшти судијката Диана Груевска-Илиевска по советувањето со останатите четворица членови на судечкиот совет.
Според судијката, мерката куќен притвор не може да биде укината и заменета со други мерки затоа што сè уште траат основите поради кои таа е одредена.
Претходно во дополнение на воведниот говор адвокатот на Митев, Маријан Михов, побара на неговиот клиент да му биде укинат куќниот притвор бидејќи му се одразува на здравјето, а тоа може да придонесе да отсуствува од рочиштата што би довело до одолговлекување на постапката.
Судијката ја упати одбраната ваквите барања да ги поднесува до Кривичниот совет на Основниот кривичен суд Скопје. Во тој контекст, таа информира дека вчера била известена дека на обвинетиот Џеваир Камбери му е укинат притворот.
Инаку, притворот на Џеваир Камбери му е укинат со решение на Апелацискиот суд Скопје. Претходно, Кривичниот совет на Основниот кривичен суд Скопје донел одлука притворот да му биде продолжен.
Но, скопска Апелација одлучила да ја преиначи ваквата одлука и да го замени притворот со гаранција за да се брани од слобода во текот на судскиот процес. Според неговиот адвокат, Насер Рауфи гранцијата е во недвижен имот во вредност од 600 000 евра.
Инаку, во продолжението на воведните зборови, адвокатот Гоце Ристовски, баранител на обвинетата Размена Чекиќ-Дуровиќ, меѓу другото, кажа дека таа во времето на настанувањето на пожарот во „Пулс”, не била повеќе државен советник во Министерството за економија, туку раководител на сектор за човечки ресурси.
Таа рече дека не можела да го изврши делото тешки дела против општата сигурност, како и дека не потпишала согласност со која на „Пулс“ му се овозможува да работи.
Како што кажа адвокатот, кабарето во време на несреќата работело без важечка лиценца.
Инаку денеска било каква одговорност дека своето постапување придонеле за трагедијата отфрлија и обвинетите поранешни инспектори во Државниот пазарен инспекторат и службеници во Министерството за економија. Адвокатот Петре Шилегов, бранител на обвинетиот Шофкет Хазари од Министеретвото за екиномија, како „глупава” ја оцени теоријата на Обвинителството за каузалитет.
Тој во таа насока праша, ако постои причинско-последична врска зошто не се гонат актуелни министри и директори, туку само поранешни.
„Многу едноставно не се вклопуваат во конструкцијата на теоријата на Обвинителството за каузалитет.за каузален тек”,
рече Шилегов.
Адвокатот рече дека ако Обвинителството тврди дека 13 години постоел тој „јавашлук” во Кочани, каде било тоа.
„По закон за Јавното обвинителството е државен орган којшто гони сторители на кривични и други казнени дела. Ако тврдите дека постоел тој јавашлук, што правевте вие цели 13 години во Кочани. Наместо да го читате обвинението, ќе требаше да го слушате”,
рече Шилегов.
Кочанското обвинителество во истиот контекст беше прозвано и од адвокатите на обвинетите ексинспектори во Државниот пазарен инспекторат.
Воведни зборови остана да даде само уште одбраната на сопственикот на агенцијата за обезбедување „Рубикон секјурити солушнс”, Александар Нацев, што го обезбедувала “Пулс”.
За пожарот во “Пулс” се обвинети 35 физички и три правни лица. Судскиот процес треба да продолжи на 25 декември.
