Прашањата што обвинителите на денешното рочиште му ги поставуваа на Димишковски одеа во насока на тоа дали Александар Нацев е реален сопственик на агенцијата „Рубикон“. Сведокот беше прашан од кого ги добивале насоките како да постапуваат при обезбедувањето објекти, на што кажа дека тие доаѓале од Јане Јанчевски, управителот на агенцијата
Трајче Димишковски, кој од 2024 до август 2025 година бил вработен во Агенцијата „Рубикон“ што го обезбедувала т.н. кабаре „Пулс“, а по пожарот бил овластен да потпишува за плати на денешното рочиште повтори дека не знае каде се наоѓа седиштето на Агенцијата.

Димишковски како сведок на Обвинителството почна да дава исказ на минатото рочиште, но тоа беше прекинато бидејќи обвинителите реагираа дека неговото сведоштво се разликува од она што го дал во истрагата.
Дополнително, одбраната реагираше дека го немаат добиено записникот од неговиот исказ во истрага. Обвинителството денеска се откажа од намерата да го соочи сведокот со исказот во истрага и продолжи до директно испрашување.
Прашањата што обвинителите на денешното рочиште му ги поставуваа на Димишковски одеа во насока на тоа дали Александар Нацев е реален сопственик на агенцијата „Рубикон“. Сведокот беше прашан од кого ги добивале насоките како да постапуваат при обезбедувањето објекти, на што кажа дека тие доаѓале од Јане Јанчевски, управителот на агенцијата.
Инаку, и Јанчевски и Нацев се обвинети во предметот за пожарот во „Пулс“.
На рочиштето стана збор и за обуки, односно т.н. тим-билдинзи на вработените во „Рубикон“. За нив сведокот кажа дека ги држел Нацев, но како професор стручен во областа.
Димишковски, одговарајќи на прашања на обвинителите, рече оти тој бил ангажиран за обезбедување училишта, но по потреба одел и на поголеми настани кога требало помош. Во таа насока спомена дека бил ангажиран како обезбедување на „Пиволенд“ во Скопје.
Кажа дека тој носел униформа со ознаки на „Рубикон“, а дел од колегите имале само елеци, но потврден беше неговиот одговор на прашањето дека тие со кои работел генерално имале ознака на агенцијата на себе.
„Тие што бевме во Скопје во средните училишта имавме униформа бидејќи така налага законот, за другите не би можел да кажам”,
рече тој.
Униформата, како што кажа, ја добил од Јане Јанчевски.
Инаку, на речиси секое прашање на обвинителството приговараше одбраната на Нацев, велејќи дека прашањата се ирелевантни. Прашан дали некогаш се случило Александар Нацев да дава насоки и планови како да се постапува при обезбедување, сведокот рече дека Нацев понекогаш доаѓал на, како што кажа, испомош, како редар, но секогаш заедно со Јанчевски.
Тој потврди и дека имале групи на Вибер за полесна координација на вработените. Како што потврди, имало привремени групи што се правеле пред некој настан и потоа веднаш се бришеле, а имало и постојана група за вработените ангажирани во училиштата.
На прашањето дали Александар Нацев бил дел од некоја од вибер-групите, сведокот одговори:
„Не се сеќавам. Јас бев во групата за средни училишта“.
Прашан кон кого членовите во групата се обраќале со ‘шефе’, рече дека тоа најчесто било кон Јане Јанчевски, а некогаш и кон него оти тој бил одговорен за средните училишта.
Судијката Диана Груевска-Илиевска, на приговор на одбраната, не го дозволи прашањето дали може да потврди дека никој не го ословувал Александар Нацев со ‘шефе’.
Судијката не го дозволи и прашањето дали додека работеле на обезбедување на настан, некој во групата барал од колегите да му набават дрога.
Димишковски кажа дека ангажманот во „Рубикон“ му завршил летото минатата година, неколку месеци по трагедијата во „Пулс“. На прашањето кому му ја дал легитимацијата за обезбедување, сведокот кажа дека ја вратил во Комората за обезбедување на имоти и лица.
На прашање на Обвинителството потврди дека по притворањето на Јанчевски, насоки добивале од Нацев, но тоа било зашто веќе соработувале со, како што го нарекуваше, „професорот“.
Инаку, денеска во судницата на клупата за сведоци покрај Димишковски беше и инспекторот во подрачното одделение на Дирекцијата за заштита и спасување Виница, Дарко Стојков.
Тој со уште тројца инспектори на ДЗС од Пробиштип, Берово и Струмица биле дел екипата што вршела увид во објектот по трагичниот пожар.
Одговарајќи на прашања на Обвинителството, сведокот кажа дека во „Пулс“ хидрантот за вода бил празен, немало црево, ниту дојавувачи односно аларми за пожар. Најболната работа, рече, било тоа што задната врата била заклучена.
Пропустите, како што можеше да се заклучи од неговото сведочење, не биле констатирани од Дирекцијата за заштита и спасување, затоа што оваа институција со години нема инспектор во Кочани.
Рече дека тој како инспектор во Виница немал надлежност да врши инспекции во Кочани.
Во сведочењето тој наведе дека во подрачната единица на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) во Кочани нема инспектор откако последниот што бил на таа функција заминал во пензија пред повеќе од десет години.
Дел од адвокатите на обвинетите за пожарот во „Пулс“ се обидоа да го оспорат неговото сведочење, а во изјава за медиумите на паузата од рочиштето, бранителот на обвинетиот ексдиректор на ДЗС, Аднан Џаферовски, адвокатот Звонко Давидовиќ, рече дека сведокот не го познава законот.
Во однос на барањето за укинување на куќниот притвор на обвинетиот поранешен градоначалник на Кочани, Љупчо Папазов, Обвинителството во досегашниот тек на рочиштето не даде свое мислење.
Следното рочиште е закажано за во вторник (17 март), за кога се предвидени тројца сведоци.
