Тоа се лични министерски овластувања кои може Хок да ги спроведе, вели австралискиот премиер не сакајќи да дава дополнителни коментари за случајот со српскиот тенисер

Австралискиот министер за имиграција Алекс Хок сè уште ја разгледува одлуката за статусот на визата на тенисерот Новак Ѓоковиќ, изјави денеска австралискиот премиер Скот Морисон.
Како што изјави Морисон, Хок сè уште размислува дали да ги употреби дискрециските овластувања да му ја укине визата на 34-годишниот Србин, откако ги разгледал доказите обезбедени од адвокатите на Ѓоковиќ за ова прашање.
„Ова се лични министерски овластувања што може да ги спроведува министерот Хок и нема да давам дополнителни коментари во овој момент“,
рече Морисон во забелешките што ги објави австралиската новинска агенција ААП.
Според новинската агенција ДПА, учеството на Ѓоковиќ на Австралија опен следната недела останува нејасно во очекување на одлуката на Хок.
Суд во Мелбурн во понеделникот го поништи откажувањето на визата на Ѓоковиќ минатата недела во однос на строгите правила за влез во Австралија поврзани со коронавирусот бидејќи Ѓоковиќ не е вакциниран, но случајот не заврши со тоа, со оглед дека Хок може да го искористи дискрециското право за укинување на визата.
Од кабинетот на министерот вчера соопштија дека дополнителните информации од адвокатите на Ѓоковиќ ја поместиле временската рамка за одлука.
И австралиските медиуми јавуваат дека Хок денеска нема да донесе одлука дали ќе му ја укине визата на тенисерот. Весниците „Сиднеј морнинг хералд“ и „Ејџ“ повикувајќи се на извор од федералната влада веќе претходно објавија дека Хок сè уште размислува за ова прашање и дека нема да донесе одлука денеска.