Иако се чини дека животот полека се враќа во нормала, ковид-19 сè уште е присутен насекаде во светот. Дел од училиштата се отвораат, парковите за забава ги пречекуваат своите посетители, а рестораните, исто така, се чести места за посета. Една од мерките која на сила е носењето заштитни маски.
Затоа, група истражувачи од Универзитетот Дјук креираа техника за да го анализираат квалитетот на различните типови на заштитни маски, објави Си-ен-ен.
Идејата за ова започна кога професор од универзитетот помагаше на локална група да купат маски на големо со цел да ги дистрибуираат до оние на кои им се најпотребни во локалната заедница.
Професорот сакал да биде сигурен дека групата ќе ги одбере најефективните маски. Во студија што беше објавена во петокот, истражувачите од универзитетот демонстрираат едноставен метод за проверка на маските, користејќи ласерски зрак и мобилен телефон. Преку тој метод ги проучуваат респраторните капки кои се распространуваат додека некој човек зборува.
„Користиме црна кутија, ласер и камера од мобилен телефон. Ласерскиот зрак е поставен вертикално и формира тенок слој на светлина кој го усмеруваме лево и десно во кутијата“,
вели за Си-ен-ен, Мартин Фишер, еден од авторите на студијата.
На предниот дел од кутијата има дупка низ која се зборува, а камерата од мобилниот телефон поставена на задниот дел од кутијата ја снима ласерската светлина низ која се гледаат респираторните капки кои излегуваат додека некој зборува.
Потоа, едноставен компјутерски алгоритам ги брои капките кои се гледаат на видеото.
Истражувајќи дошле до заклучок дека некои маски се речиси бескорисни. Методот е направен врз 14 различни видови заштита на лицето, вклучувајќи ги и професионалните N95 маски, вообичаено резервирани за здравствени работници.
Прво, тестот е направен на говорник кој воопшто не носел маска, а потоа секој тип на маска бил тестиран по десет пати. Резултатот е дека N95 маските се најефективни, а памучните маски, кои луѓето често сами ги изработуваат дома, исто така, се покажале како добри заштитници. Добра ефикасност покажале и трослојните хируршки маски.
Марамите кои често ги користат тркачите се покажале како најмалку ефективни, односно студијата покажала дека преку нив се распространуваат повеќе капки, поради материјалот.
Преклопените бандани и плетените маски, исто така, покажаа слаб резултат.