Од „Студентски отпор“ велат дека се сведоци како на различен начин омилениот студент на власта се обидува да го откаже најавениот масовен протест пред МОН, притоа посочувајќи дека можеби е решен проблемот со ретроактивна исплата на разликата во стипендиите

Од Движењето „Студентски отпор“ се незадоволни од односот на власта и најавуваат дека доколку и понатаму се нема слух за барањата на студентите, ќе преземат сериозни чекори, како што се масовни демонстрации на клучни крстосници во градовите, но и бојкотирање на наставата.
Оттаму, преку објава на нивната фејсбук-страница, велат дека се сведоци како на различен начин омилениот студент на власта се обидува да го откаже најавениот масовен протест пред МОН, притоа посочувајќи дека можеби е решен проблемот со ретроактивна исплата на разликата во стипендиите.
„Протестот пред МОН е со цел да го изразиме големото незадоволство од немањето на слух за нашите барања“,
велат од „Студентски отпор“.
Тие потенцираат дека „Студентски отпор“ нема да отстапи од протестите како чин за да го искажат својот револт доколку, како што велат, не се исполнат сите барања, бидејќи покрај ова, имаат и други барања кои не се реализирани.
Од „Студентски отпор“ уште еднаш ги повторуваат нивните барања кои, како што велат, произлегуваат директно од студентите.
Прво нивно барање е за средба со министерот за образование и наука со претставници од „Студентски отпор“, како и вклучување на нивни претставници во работните тела. Од „Студентски отпор“ бараат и изедначување на стипендиите, ретроактивна исплата и нов анекс на договорите, покачување на дневниот износ на субвенционираниот студентски оброк согласно инфлацијата на 160 денари.
Дел од барањата на „Студентски отпор“ се и дигитализација и укинување на т.н. „скриени трошоци“ на факултетите, бесплатен, субвенциониран меѓуградски превоз за студентите, стипендирање на студентите на втор циклус студии, модернизирање на лабораториите на природните и техничките факултети.
Студентите бараат и прецизни рокови за започнувањето и реализацијата на најавената реконструкција на студентските домови, како и прецизни рокови за започнување и реализација на изградбата на зградите на ФИНКИ и ДИФ.
