Студентските блокади на десетици факултети, кои започнаа кон крајот на ноември 2024 година, прераснаа во бран масовни антивладини протести во Србија, на кои им се придружија стотици илјади граѓани. Причината за протестите беше смртта на 16 лица при уривањето на настрешницата на реконструираната Железничка станица во Нови Сад
Со протестен марш и обиколка на клучните државни институции, студентите на Правниот факултет во Белград синоќа ја одбележаа годишнината од почетокот на студентските блокади. Пред нив, годишнината од почетокот на блокадите ја одбележаа и студенти од Земјоделскиот факултет во Белград и Техничкиот факултет во Нови Сад.

Во протестната прошетка низ централните улици на Белград, студентите на Правниот факултет, меѓу другото, ги посетија и седиштето на Врховното јавно обвинителство, Владата и Претседателството на Србија.
Пред Врховното обвинителство, тие ги поддржаа судиите и обвинителите, оценувајќи дека судството е под поголем напад од кога било.
Пред владата, тие упатија порака до премиерот Ѓуро Мацут и го замолија да испрати предлог за распуштање на парламентот и распишување предвремени избори, оценувајќи дека дека владата повеќе нема легитимитет. Пред српското Претседателство студентите го повторија барањето за избори. Ова, како што изјавија, е првиот официјален студентски говор пред Претседателството од почетокот на протестите.
Тие се потсетија на навредите што Вучиќ ги упати кон демонстрантите од почетокот на студентските протести, како и на заканите од владини претставници и апсењата на учесниците во протестите.
Студентските блокади на десетици факултети, кои започнаа кон крајот на ноември 2024 година, прераснаа во бран масовни антивладини протести во Србија, на кои им се придружија стотици илјади граѓани.
Причината за студентските блокади и протести беше смртта на 16 лица при уривањето на настрешницата на реконструираната Железничка станица во Нови Сад. Во текот на протестите студентите бараа властите да утврдат одговорност за несреќата, со проценка дека трагедијата е предизвикана од корупција.
