Светските медиуми, како Ројтерс, Тајмс и Сандеј Тајмс, на своите канали на Јутјуб во живо го пренесуваат пречекот на велосипедистите, маратонците и студентите кои пешачеа од многу делови на Србија до Белград за да учествуваат на утрешниот протест
Во Белград вечерва пристигнуваат студентите кои тргнаа од повеќе градови во Србија да учествуваат на утрешниот протест, пренесува српски Н1.
Во центарот на Белград е организиран нивен пречек. Голем број на граѓани ги пречекуваат со насмевки, со свирење, но и со солзи.

Студентите од повеќето белградски факултети вечерва се собраа во центарот на Белград на „Теразије“, каде организираат спектакуларен пречек на студентите велосипедисти и пешаци, кои веќе неколку дена пешачат и возат кон главниот град за да учествуваат на утрешниот голем протест.
Светските медиуми, како Ројтерс, Тајмс и Сандеј Тајмс, на своите канали на Јутјуб во живо го пренесуваат пречекот на велосипедистите, маратонците и студентите кои пешачеа од многу делови на Србија до Белград за да учествуваат на утрешниот протест.
Протестот на студентите утре се очекува да почне во 13 часот, а пред српското Собрание е предвидено да пристигнат во 16 часот.
Српскиот претседател Александар Вучиќ, еден ден пред најавениот студентски протест во Белград рече дека државата ќе преземе мерки за обезбедување на протест, а целосната одговорност за она што ќе се случува ќе биде на организаторите.
Предупреди дека секој што ќе се обиде да го наруши јавниот ред и мир ќе биде уапсен.
Студентите, кои повеќе од три месеци ги блокираат факултетите низ Србија, повикаа на масовен протест во Белград на 15 март. Властите во Србија со денови најавуваат можни немири на најавените демонстрации, додека студентските организации се оградуваат и повикуваат на мирен протест.