За време на престојот во Брисел, српските студенти се очекува да се сретнат со претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола, со еврокомесарите за проширување и за демократија, правда и владеење на правото, Марта Кос и Мајкл Мекграт, како и со претседателот на Комитетот за надворешни работи, Дејвид Мекалистер
Групата од околу дваесет српски студенти вчера ја истрчаа и последната етапа од штафетниот маратон и пристигнаа во Брисел. Студентите тргнаа од Нови Сад на 25 април и се упатија кон седиштето на Европската Унија за да го свртат вниманието на европските претставници кон нивните барања.
Ја поминаа целта носејќи транспарент со слоган „Струја на промени“.

Тие вчера пристигнаа во Брисел каде што беа пречекани од граѓани, претежно српски државјани од дијаспората, со транспаренти и знамиња на платото пред Службата за надворешни работи на ЕУ. Присутните ги пречекаа со аплауз и извикот „Пумпај“ – еден од слоганите што ги одбележаа студентските протести во Србија.
На патувањето до Брисел студентите поминаа речиси 2 000 километри, а стартната точка им беше железничката станица во Нови Сад каде што по пад на натстрешницата на 1 ноември лани загинаа 16 лица.
Фокусот на нивните барања е утврдување на кривична и политичка одговорност за несреќата.
За време на престојот во Брисел, српските студенти се очекува да се сретнат со претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола, со еврокомесарите за проширување и за демократија, правда и владеење на правото, Марта Кос и Мајкл Мекграт, како и со претседателот на Комитетот за надворешни работи, Дејвид Мекалистер.