Доколку останат без бесплатен превоз, УСС на УКИМ ќе преземе соодветни реакции и мерки со кои ќе го искаже ставот, а една од опциите, како што рече Николовски, е да протестираат пред институциите
Студентите наредната година нема да може да користат бесплатен јавен превоз во Скопје бидејќи на билетарниците на ЈСП „Скопје“ не им ги продолжуваат годишните билети.
Според претседателот на Универзитетското студентско собрание на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Александар Николовски, од институциите добиле ралзични образложенија за ваквиот проблем на студентите.
Дел од инстутуциите им рекле дека нема да има бесплатен градски превоз, а од ЈСП „Скопје“ во телефонска комуникација им било кажано дека сè уште се чека одлука од Град Скопје.
„Одговорот од Министерството за образование и наука е дека има предвидено средства, чекаме да се произнесе дали ќе има или ќе нема за веќе да може да им ги продолжат картичките на студентите. Секојдневно комуницираме, во текот на идната недела веќе треба да има одговор од страна на институциите“,
вели Николовски.
Тој вели дека веќе пратиле апел до Владата, Министерството за образование и наука, Советот на Град Скопје, градоначалничката Данела Арсовска и до ЈСП „Скопје“, како што рече, „да се произнесат јавно дали се предвидени средства за бесплатен превоз на студентите во градот Скопје“.
„Од МОН се произнесоа дека се предвидени средства. Во текот на септември градоначалничката имаше дадено изјава дека има заостанат долг во неколку милиони денари којшто треба да се плати, покрај од страна на Министерството и Владата. Останува да почекаме одговор од страна на институциите. Смешно е студентите да немаат бесплатен превоз, мерка што е обезбедена десет години по ред од страна на Владата. Во програмата на сегашниот градоначалник беше мерката бесплатен јавен превоз за сите граѓани, а сега доаѓаме во ситуација кога се зборува за укинување на превозот за студентите што навистина не би било во ред за студентскиот стандард“,
изјави Николовски одговарајќи на новинарски прашања на настан на кој беше промовирана иницијатива на Форумот за образовни промени за субвенциониран меѓуградски превоз за студенти што не студираат во градот каде што живеат.
Доколку останат без бесплатен превоз, УСС на УКИМ ќе преземе соодветни реакции и мерки со кои ќе го искаже ставот, а една од опциите, како што рече Николовски, е да протестираат пред институциите.
„Другата опција е активно да комуницираме и да притискаме мерката да продолжи затоа што ако МОН предвидело средства, треба МОН и Град Скопје како одговорни институции да се договорат што ќе прават со заостанатиот долг, а тековно да си продолжи бесплатниот градски превоз како мерка за студентите“,
додаде Николовски.
Заменик-министерот за образование и наука Лулзим Алиу за проблемот со бесплатниот превоз на студентите во Скопје и за тоа колку пари должи МОН и дали се обезбедени средства во буџетот, кој Собранието го усвои минатата недела, не одговори конкретно.
„Одговорот на тоа прашање треба да го побарате кај градоначалничката бидејќи Министерството веќе има изнесен став. Овој проблем што сега е појавен е во одговорност на Градот Скопје и на градоначалничката. Можам да кажам дека во буџетот за 2025 се предвидени средства за транспорт на студентите, но за тоа ќе треба да се донесе дополнителна одлука од страна на Владата. Буџетот треба да помине на Собрание, да не кажуваме бројки кои може да бидат изменети и додека се носи буџетот“,
рече Алиу.