По официјалното одбивање од СДСМ на предлогот од ВМРО-ДПМНЕ – армискиот полковник Драган Ковачки да биде министер за внатрешни работи во техничката влада, поради неисполнување на уставното барање да биде цивил најмалку три години, разработивме неколку можни сценарија за насоката во која би се развивале настаните поврзани со изборот на влада за организирање избори и самите избори.
СЦЕНАРИО 1 – ВМРО-ДПМНЕ излегува со нов предлог
Иако засега нема такви најави, едно од сценаријата би било ВМРО-ДПМНЕ да предложи нов кандидат за министер за внатрешни работи во техничката влада што треба да се избере на 3 јануари. Факт е дека Законот за Влада бара ВМРО-ДПМНЕ да се консултира, но не и да бара и да добие согласност од СДСМ и ДУИ за кандидатот за министер за внатрешни работи. Од друга страна, пак, консултациите не би имале смисла ако целосно се игнорира ставот на оние со кои се прави консултацијата, особено ако приговорот се однесува на (не)почитување на уставно начело.

Дополнителна правна компликација прави и тоа што самата одредба од Законот за Влада – дека министерот за внатрешни работи го предлага партијата во опозиција со најголем број пратеници во Собранието, е во спротивност со уставниот принцип дека членовите на Владата (министрите) ги избира Собранието, на предлог на мандатарот (премиерот).

СЦЕНАРИО 2 – Мандатарот Спасовски го предлага Ковачки за министер
Ако ВМРО-ДПМНЕ реши да не предлага друг кандидат, можно сценарио би било мандатарот Оливер Спасовски, сепак, да го предложи Драган Ковачки за министер за внатрешни работи и да му остави на Собранието да одлучи дали ќе го избере за член на техничката влада. Со оглед на ставот на СДСМ дека Ковачки е противуставен предлог, би можело да се претпостави дека пратениците од оваа партија (коалиција) би гласале против неговиот избор.

Тоа сѐ уште не значи дека Ковачки не би добил најмалку 61 глас, неопходни за избор за министер, со оглед на фрагментираниот парламент. При ваков развој на настаните, важен ќе биде ставот на партиите на Албанците, особено на ДУИ, чиј лидер Али Ахмети вчера позитивно се изјасни за Ковачки, иако не беше јасно дали до моментот на изјавата бил свесен за уставното ограничување од членот 97.
СЦЕНАРИО 3 – Се избира техничка влада без предлог(зи) од ВМРО-ДПМНЕ
Во случај ВМРО-ДПМНЕ да остане на предлогот Драган Ковачки да биде шеф на МВР, а мандатарот да смета дека не треба да му предлага на Собранието противуставно решение, можно сценарио е Оливер Спасовски да излезе со сосема друг кадар за МВР во техничката влада. На пример, на предлог на партијата во опозиција која е следна според бројот на пратеници во парламентот.

Тоа би подразбирало дека СДСМ е решен да има избори на 12 април дури и по цена ВМРО-ДПМНЕ да не учествува во техничката влада со министер за внатрешни работи (или со ниеден член, ако политичката криза ескалира).
СЦЕНАРИО 4 – Се пробива рокот за избор на техничка влада, се одлагаат изборите
Ако ВМРО-ДПМНЕ продолжи да инсистира на Драган Ковачки, а СДСМ продолжи да инсистира на нов предлог од ВМРО-ДПМНЕ, теоретски е можно да се пробие рокот за избор на техничката влада сто дена пред изборите (на 3 јануари за избори на 12 април). Тоа би можело да доведе и до пролонгирање на изборите, до договор за техничка влада. Сепак, ова сценарио, според актуелните сигнали од власта и од опозицијата, се чини најмалку остварливо во овој момент.