Според МВР, едната кривична пријава е поднесена против против 42-годишниот Н.Ч. од Струга, кој предизвикал пожар на 20 април годинава, додека другата е против Ф.С. (59) од селото Ливада кој на 8 јули запалил оган на својата нива што потоа се проширил на соседните и на блиската депонија

Струшката полиција поднела кривични пријави против жител на градот и на селото Ливада поради сомнение дека предизвикале пожари на отворено, соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР).
Двајцата се товарат за кривичното дело предизвикување општа опасност.
Според МВР, едната кривична пријава е поднесена против против 42-годишниот Н.Ч. од Струга, а пожарот што го предизвикал е со постар датум, односно се случил на 20 април годинава.
„На 20.4.2025 во негова нива во близина на регионалниот пат Струга- Калишта, тој запалил отпад, по што огнот се проширил на барака и на нискостеблеста вегетација. Пожарот бил изгаснат од екипа на Територијалната противпожарна единица од Струга“,
велат од Министерството.
Втората кривична пријава што ја поднело Одделението за внатрешни работи Струга е против Ф.С.(59) од струшкото село Ливада, која додека работел на својата нива предизвикал пожар кој потоа се проширил на соседните посеви засадени со житни култури, како и на блиската депонија.
Претходно денеска од Министерството за внатрешни работи соопштија дека вчера е уапсен 71-годишен маж од Демир Капија поради сомнение дека во два наврата предизвикал пожари.
Според МВР, тој вчера во 10 часот предизвикал пожар на место викано ‘Горна Лака’ во близина на Демир Капија, од кој биле зафатени сува трева, нискостеблеста шума и два лозови насади, а се сомничи и дека неколку часа подоцна, односно околу 15 часот на истото место предизвикал пожар од кој биле зафатени шума и земјоделска површина.