Додека дел од учесниците оценија дека измените го зајакнуваат системот и ги коригираат негативните последици од спорните измени во 2023 година воведувајќи построга казнена политика, особено за злоупотреба на службената должност, семејното насилство и опасното возење, други предупредија дека предлогот содржи структурни слабости, недоречени формулации, како и ризик од правен популизам и несразмерни казни

Експерти од правосудството, академијата, адвокатурата и граѓанскиот сектор на јавната расправа во Собранието за измените и дополнувањата на Кривичниот законик денеска изнесоа свои согледувања, критики и препораки за предложените законски измени.
Додека дел од учесниците оценија дека измените го зајакнуваат системот и ги коригираат негативните последици од спорните измени во 2023 година воведувајќи построга казнена политика, особено за злоупотреба на службената должност, семејното насилство и опасното возење, други предупредија дека предлогот содржи структурни слабости, недоречени формулации, како и ризик од правен популизам и несразмерни казни.
Експертите се поделија и за мерките за одземање возила при тешки сообраќајни прекршоци, видеонадзорот во проектот „Безбеден град“, прашањето за застареноста на злоупотребата на службената должност и формулацијата на новите кривични дела за споделување експлицитни содржини. Повеќе говорници нагласија дека иако намерите се добри, точната формулација на членовите ќе одреди дали законот ќе донесе реални промени или само формални заострувања, без ефект во пракса.
Претседателот на Комисијата за политички систем, Љупчо Пренџов, на почетокот потенцира дека она што го предлагаат сега со измените на Кривичниот законик е многу построго од она што било до 2023 година и нагласи дека ова е важна јавна расправа бидејќи се носи по неколку основи, а тоа е, пред сè, дека се носи во меѓупериодот на донесувањето на Кривичниот закон, кој се работи во Министерството за правда заедно со Европската Унија, Венециската комисија, како и она што Уставниот суд го побара од Собранието.
Според Пренџов, има неколку измени во законското решение – гонењето по службена должност на жртвите на семејно насилство, Законот за прекршоците, каде што во рамките на кривичните дела се вметнува и „Безбеден град“, а со цел, како што рече, да имаме побезбеден сообраќај во Скопје и секое девијантно однесување и неприспособени брзини и дејствија во рамките на сообраќајот да бидат најстрото санкционирани.
Професорката од УКИМ, Ана Чупеска, оцени дека предлог-измените содржат структурни дефицити, дефинирајќи ги како задоцнета правда и правна козметика што не само што не ја поправа штетата врз владеењето на правото, туку отвора нови патишта за репресија и безбедносен популизам.

Кривичниот законик, посочи Чупеска, не е само збирка на правни норми туку најексплицитен израз на општествениот договор помеѓу државата и граѓаните; ако овој закон ја губи својата етичка суштина, тој престанува да биде закон кој треба да етаблира правда и станува обичен декрет.
Адвокатката Ружица Николовска, која кажа дека долги години работи во кривичната област, ги поздрави измените во членот 353 посочувајќи дека се врши корекција во битието на делото, што претходно било изоставено.
„Со предложените измени се додава и дејствије, кое се смета за противправно дејствие кое во 2023 година беше изоставено. Како дејствие на извршување на ова дело се додава и искористување на службената положба или овластување на лицето, а видно од самата одредба се зголемуваат казните, односно се заострува казнената политика“,
додаде Николовска.
Сабина Факиќ од Центарот за граѓански комуникации се осврна на членот 353, со кој рече дека ќе се создаде правна несигурност и ќе се даде можност дури и актуелните кривични предмети да бидат запрени.
„Што е ризикот кога вие во овој член ќе ги издвоите само овие две основи за кривично гонење произлегува дека овозможувате декриминализација на сите други облици на злоупотреба во јавните набавки, а тоа е фаворизирање, субјективно постапување, спроведување на јавни набавки во ситуации кога тоа не е реално одраз на потребата на институцијата, реализација на јавните набавки вон одредбите за кои се потпишале двете страни – институцијата и економскиот оператор. Оттука сметаме дека со предложените измени на членот 353 ќе се создаде правна несигурност и ќе се даде можност дури и актуелните кривични предмети да бидат запрени“,
рече Факиќ.
Адвокатот Ајредин Рамадани од Гостивар за членот 300 б, за одземање возило со кое е сторено кривично дело, рече дека не е уставно да се одземе возило за безобѕирно управување возила и нагласи дека тоа ќе падне пред ЕСЧП во Стразбур, исто како што рече дека паднале и случаите со одземање камиони во вредност од 100 илјади евра за 2-3 кубика дрво.
За проектот „Безбеден град“ Рамадани рече оти стои на ставот на дел од професорите да се оформи тело што ќе се грижи и ќе има контрола за во иднина тие да не се злоупотребуваат.
„Сепак снимаме нешто без судска дозвола, а се знае согласно законот дека да се снима некој, мора да постои посебна наредба за ПИ-мерки, а и за нив се знае за кои посебни кривични дела“,
изјави Рамадани.

Професорот од Универзитетот „Мајка Тереза“, Сејфула Рамадани, посочи дека законските измени не секогаш ни носат подобрувања и нагласи дека неказнивоста е многу тесно поврзана со застареност и со сите измени.
Кривичниот законик за адвокатот Ѕвонко Давидовиќ е еден од најважните закони и вели – треба многу да се внимава да не се овозможат дискрециони права. Укажа на детали од предлог-текстот, во членот 38, во кои, според него, се бара престанок на важење на возачка дозвола од определена категорија и определен временски период во кој не може да добие возачка дозвола.
„Со ваква дефиниција тоа значи дека откако ќе измине казната, треба да го полага возачкиот испит повторно, што во другите закони не е така дефинирано. Постоечката дефиниција да му се ограничи правото на управување и траење на времето на управувањето ја дава истата санкција и можност. Но, одземање возачка дозвола и престанок на важење значи решение со кое ја поништувате возачката дозвола, прашање е дали имате право на тоа согласно другите закони“,
рече Давидовиќ.
Во однос на одземање возило ако вози 50 или 70 километри над дозволеното зависно од местото, забележа дека не се предвидува да се одземе возило поради 1,5 промили алкохол или дроги. Последицата, нагласи, може да е многу поголема со присуство на дрога или алкохол отколку 50 километри на час над дозволената брзина.
Мартина Дранговска-Мартинова, претставничка на Македонското здружение на млади правници, се осврна на две измени – на новиот член 152а, кој се однесува на злоупотреба на сексуално експлицитни содржини, како и на предложените измени на член 418г, во делот на експлоатација на деца заради питачење.
„И член 152а и измените на член 418г се донесени со добра намера, но во кривичното право добрата намера не е доволна ако не резултира со вистинска промена во пракса. Неопходно е јасно да се рефлектира насилната димензија на злоупотребата на сексуално експлицитни материјали, да се избегне разводнување кај делата спрема деца и да се обезбеди доследна квалификација и примена. Само така законските измени ќе значат вистинска примена, а не уште една формална интервенција“,
рече Дранговска-Матинова.

Адвокатот Александар Тортевски рече дека измените од 2023 се најголем упад со кој законодавецот амнестира солидна бројка луѓе на највисоки функции и сега, вели тој, ние сме тука „да ја бојадисаме куќата што тие ја разурнаа“.
Тортевски се осврна и на сообраќајните несреќи со смртни последици, каде се дефинираат со умисла и дека треба да се направи дистинкција, посочувајќи дека за него е многу повеќе умисла ако се вози со 240 на улица „Македонија“ или безобѕирно и настане сообраќајна несреќа со смртни последици, отколку како што сега се толкува сообраќајна несреќа со смртни последици со умисла. Тој е за одземање на возилото за вакви дела.
Предлог-законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик е поднесен од пратениците Бојан Стојаноски, Љупчо Пренџов, Тони Јаревски, Бране Петрушевски, Драгана Бојковска, Дафина Стојаноска, Игор Здравковски, Лидија Петкоска и Мартин Стојановски.
Претседателот на Комисијата за политички систем, Пренџов, на крајот на јавната дебата информира дека наредниот петок во 10 часот ќе се одржи седница на Комисијата, на која како точка ќе биде ставен на разгледување во второ читање Предлогот на Закон за изменување и дополнување на Кривичниот законик.
Поврзани вести:
- Власта поднесе измени на Кривичниот законик во Собранието – за Зајкова тие се враќање во времето на Михајло Маневски
- Поднесовме измени на Кривичниот законик за да спречиме амнестија на 200 активни предмети – вели пратеникот Стојаноски
- Спасовски за Изборниот законик: Наместо парцијални измени, треба да се донесе целосно нов закон
