Како што рече извршниот директор и ко-основач на Свод Мастер АД, Дарко Перушески, на денешното одбележување на почетокот на продажбата на хартии од вредност по пат на иницијална јавна понуда, целта е компанијата да расте за да може со додатните средства да помогне во македонската продукција

Со цел докапитализација на досегашниот успех, сопственикот на првата македонска стриминг платформа „Глеј“, Свод Мастер АД, утрово во 9 часот за прв пат се најде на македонската берза.
Ова следи по седницата на Собранието на акционери одржано на 22 јануари 2025 година.
Како што рече извршниот директор и ко-основач на Свод Мастер АД, Дарко Перушески, на денешното одбележување на почетокот на продажбата на хартии од вредност по пат на иницијална јавна понуда, целта е компанијата да расте за да може со додатните средства да помогне во македонската продукција на филмски и документарни содржини.

„Поради недостаток на детска, филмска и друга програма кои беа расфрлани по разни платформи ја создадовме „Глеј“ во 2021 година. Денес ја презентираме нашата визија за докапитализација на досегашниот успех, за да може да дојдеме до средства кои ќе ја помогнат македонската продукција. Нашата цел е „Глеј“ да биде број еден стриминг платформа во Македонија и во дијаспората“,
рече Перушевски.
Како платформа која нуди премиум македонска програма и детска програма на македонски и албански јазик, во јавната понуда се објавени 200 000 акции чија минимална продажна цена по акција изнесува 600 денари.
Свод Мастер АД планира веднаш по успешната јавна понуда, што за нив значи продажба на најмалку половина од понудените акции во рок од два месеци, да одржи Акционерско собрание во кое освен досегашните тројца директори, најпрво, би бил назначен уште еден директор кој ќе биде избран од најмалку 25% од новите помали акционери.
Платформата „Глеј“ во 2025 година има 18 000 корисници со амортизирана добивка од околу пет милиони денари, а според пет-годишниот план презентиран денеска, во 2030 година проекциите се дека таа ќе брои 110 000 корисници, а компанијата ќе има амортизирана добивка од 125 милиони денари.
Докапитализацијата ќе биде насочена, според Перушески, кон тоа да на „Глеј“ се најдат 12 домашни премиери годишно (серија, филм, детска или документарна емисија со франшиза, како и 50 странски премиери годишно (серија или блокбастер) како и емисии и поткасти кои се во редовна продукција.
Кирил Куцулоски од брокерското друштво Илирика Инвестментс АД кој е и покровител на оваа понуда рече дека „Глеј“ е современ бизнис модел кој покажал успешен почеток и има огромен потенцијал за раст.

„Илирика инвестментс одлучно стои во поддршка на IPO-то на СВОД МАСТЕР. „Глеј“ е современ бизнис-модел кој покажа успешен почеток и има потенцијал за раст – тоа е добредојдено на домашниот пазар на капитал. Оваа иницијална јавна понуда е позитивен сигнал дека домашниот пазар на капитал созрева и дека сè повеќе компании се подготвени да се финансираат преку јавна сопственост“,
рече Куцулоски.
Заинтересираните инвеститори кои сакаат да дознаат повеќе за јавната понуда може да се информираат преку официјалните веб-страници на Свод Мастер АД.