Во известувањето што до адвокатот на судијката е стигнато од Секретаријатот на ЕСЧП се вели дека судот ќе ја разгледа жалбата врз основа на документите и информациите што се доставени и оти навремено ќе бидат известени за сите одлуки

Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) во Стразбур ќе ја разгледува жалбата на Елизабета Дуковска, чиј избор за уставна судијка беше поништен од Управниот суд.
Во известувањето што до адвокатот на судијката е стигнато од Секретаријатот на ЕСЧП се вели дека судот ќе ја разгледа жалбата врз основа на документите и информациите што се доставени и оти навремено ќе бидат известени за сите одлуки.
Жалбата од судијката Дуковска следува откако во мај минатата година Управниот суд ја поништи одлуката на Собранието на Република Северна Македонија од 10 април 2023 година за нејзин избор за судијка во Уставниот суд.
Судот постапуваше по тужба од судијката Антоанета Димовска од Скопје, сега член на Судскиот совет.
Според пресудата, причината поради која Управниот суд ја поништил одлуката за избор на Елизабета Дуковска за судија на Уставниот суд е неправилно спроведена постапка во Судскиот совет, кој не ги разгледал сите кандидатури подеднакво и не ги почитувал критериумите од Законот за Судски совет.
Дуковска беше избрана за уставна судијка од Собранието, како предлог на Судскиот совет. Но, шест месеци подоцна до Управниот суд стигна тужба од Антоанета Димовска, тогаш судија во Основниот граѓански суд Скопје. Во неа таа се жалеше дека кога Судскиот совет ја утврдил Дуковска како предлог за уставен судија, со 11 гласа „за“ од можни 13, не се изјаснил и за другите двајца спомнати можни кандидати, меѓу кои и Димовска.
Пред два дена, Судскиот совет на седница донесе одлука да објави оглас за избор на судија во Уставниот суд, со што треба да се пополни местото што остана испразнето откако беше поништен изборот на Дуковска. Огласот, како што одлучија мнозинството членови на Судскиот совет, ќе биде распишан согласно новиот Закон за Судски совет, што беше донесен кон крајот на минатата година.
Меѓу последните „правни лекови“ што ги користеше судијката Дуковска беше нејзиното барање до Судскиот совет да констатира дека пресудата на Управен е неизвршена.
„Во Законот за извршување, според кој се извршуваат и управните пресуди, пишува што треба да содржи една извршна исправа. Значи: доверител, должник, задолжение и во кој рок треба да се постапи. Во случајов, во пресудата пишува дека се поништува одлуката на Собранието за мојот избор и нема никакво задолжение, ниту рок за постапување. Со тоа, значи ваквата пресуда е неподобна за извршување. Заради тоа го дадов предлогот до Судскиот совет, со кој велам дека при состојба кога пресудата е неподобна за извршување, треба да се достави само известување до Управниот суд, до Собранието, а и до мене, дека оваа пресуда е неподобна за извршување и не може да се изврши“,
изјави Елизабета Дуковска за „360 степени“ во декември минатата година.
Но, Судскиот совет на последната седница не се произнесе директно по барањето на Дуковска, туку донесе одлука да објави оглас за избор на уставен судија.
