Посочи дека дел од опозицијата и малкутемина нивни поддржувачи се обидуваат да „растураат пердуви“, мислејќи дека на тој начин ќе го оцрнат овој стратешки договор и ќе нанесат штета на имиџот и работата на Владата
Премиерот Христијан Мицкоски денеска ги отфрли информациите дека во земјава ќе се градат кампови за мигранти како дел од Договорот за стратешко партнерство со Велика Британија.

Одговарајќи на новинарско прашање при неговата посета на Желино рече дека на истата тема веќе одговор дал и британскиот амбасадор во земјава.
„Тој одговор е дека апсолутно нема таква работа. Таа тема се наметна откако во Албанија беше потпишан договор меѓу тамошниот премиер и премиерот на една земја од Европската Унија за изградба на кампови, а дека земјата ќе прими неколку десетици илјади мигранти. Аналогно на тоа, таа тема се пренесе и тука. Но, таа тема е затворена“,
кажа премиерот.
Посочи дека дел од опозицијата и малкутемина нивни поддржувачи се обидуваат да „растураат пердуви“, мислејќи дека на тој начин ќе го оцрнат овој стратешки договор и ќе нанесат штета на имиџот и работата на Владата.
„Тоа е исто како да треба да одговорам на прашањето како ја коментирам ноќта, а сите гледаме дека е дење. Тука ја затворам оваа тема. Бидете спокојни, такво нешто кај нас нема да има“,
рече Мицкоски.
Најави дека Договорот за стратешко партнерство со Обединетото Кралство јавно и транспарентно ќе биде презентиран во македонското Собрание.
Британскиот амбасадор во државава Метју Лосон на заедничката прес-конференција со премиерот Христијан Мицкоски одржана минатата недела, на која го претставија Договорот за стратешко партнерство меѓу Македонија и Обединетото Кралство, ги демантираше информациите што се појавија во некои медиуми дека во земјава ќе се градат кампови за мигранти.
Според него, суштината на ова стратешко партнерство се инвестиции, раст на економијата, работење заедно за заемна корист и на веќе одличното трговско партнерство.
„Драго ми е што земјата се согласи дека ќе се приклучи на заедничката мисија во однос на мигрантите, но тоа ќе се однесува на полициските сили коишто ќе работат заедно, соочување со криминалните банди, подобро споделување на разузнавачки информации и ова го правиме со повеќе европски земји. Не се работи за тоа дека ќе се прифаќаат мигранти од Британија. Ова е широко партнерство во однос на безбедноста, трговијата, одбраната, инвестициите. Знам дека има многу шпекулации во медиумите на оваа тема, но овде не се работи за тоа“,
кажа британскиот амбасадор во земјава.