Странскиот државјанин, при пренесувањето на златниот накит, имал помош од вработен во Царинската управа кој во тој момент не бил на смена и чија сестра патувала со истиот авион. Од Основното јавно обвинителство за двајцата е побаран притвор

За триесет и двегодишник со двојно државјанство, турско и српско, е побаран притвор откако на 20 овој месец на граничниот премин на Меѓународниот аеродром „Скопје“ беше фатен непријавен златен накит. Од Основното јавно обвинителство информираат дека мерка притвор е побарана и за уште едно лице кое му било помагач на триесет и двегодишникот.
Во образложението од Обвинителството се наведува дека на 20 март, на граничниот премин на аеродром „Скопје“, на влез во земјава, осомничениот 32-годишник со двојно турско и српско државјанство, пренел непријавена стока преку царинска линија.
„Станува збор за над 43 килограми разновиден накит, во вкупна вредност од 2 200 000 евра. Во тоа со умисла му помогнал вториот осомничен со отстранување на пречките за извршување на кривичното дело. Странскиот државјанин пристигнал со лет од Истанбул за Скопје и во просторот наменет за подигање на багажот го пречекал неговиот помагач, вработен во Царинската управа на Република Северна Македонија, кој во тој момент не бил на смена и чија сестра патувала со истиот авион. Царинскиот службеник го зел багажот и од сестра си и од осомничениот, па ги ставил на количка за багаж, по што сите тројца се упатиле кон „зелениот коридор“ за излез од аеродромот без пријава на царинска стока“,
се додава во образложението од Обвинителството.
Оттаму додаваат дека поради тоа што „зелениот коридор“ бил затворен со безбедносна лента, осомничениот цариник ја тргнал лентата и продолжил кон излезот. На тоа, како што велат од ОЈО, реагирал царинскиот службеникот кој го контролирал летот, но осомничениот се претставил како колега цариник и продолжил заедно со својата сестра и со осомничениот странски државјанин да се движи кон излезот. Тогаш интервенирале царинските службеници на смена, извршиле претрес на лицата и во ранецот на патникот од Истанбул пронашле 15 килограми златен накит, додека другиот вреден накит бил пронајден во куферот на осомничениот натоварен на количката за багаж.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за двајцата осомничени бидејќи оценил дека постојат околности што укажуваат на опасност од бегство, можност да ги сокријат, фалсификуваат или уништат трагите на кривичното дело, да ја попречуваат кривичната постапка со влијание врз сведоци и услови да го повторат кривичното дело.
Вчера директорката на Царинската управа, Славица Кутиров, објави дека претходниот ден царинските службеници ма аеродромот „Скопје“ извршиле рекордна заплена на златен накит.
На прашањето дали С Македонија била крајната дестинација за златниот накит, Кутиров рече дека понатамошната постапка ќе покаже каде тој требало да заврши, а во интерес на истрагата не сакаше да даде повеќе информации.
Од почетокот на оваа година, како што рече Кутиров, ова е втор случај на запленет златен накит.
