Според усвоениот владин протокол, странски државјани ќе можат да транзитираат низ земјава, но смеат да се задржат во земјава максимум пет часа.
Транзитот на овие лица подразбира влез на еден граничен премин и излез на друг, со обврска да не се излегува од автопат или локален пат и тој да се реализира во рамките на најмногу пет часа, што се потврдува со изјава која странските државјани треба да ја пополнат на влез, а да ја предадат на излез на граничната полиција, со цел да се контролира времетраењето на транзитот
Странските државјаните кои транзитираат низ територијата на Република Северна Македонија, до целосната либерализација на режимот за влез и излез во нашата држава, можат да ги користат гранични премини Табановце, Деве Баир, Богородица, Ќафасан, Блаце и аеродромот во Скопје.
За македонски државјани, пак, граничните премини за излез од Северна Македонија се отворени со потпишување соодветна изјава која ја издава МВР на самиот премин. Со таа изјава, секој граѓанин се обврзува дека нема да бара помош од државата во случај на проблем во странство.
При влез во државата, секој граѓанин мора да приложи направен валиден PCR-тест, не постар од 72 часа, кој е негативен. Потоа на граничниот премин потпишува „Изјава за задолжителна самоизолација во траење од 14 дена“. Доколку таков тест не е приложен или е приложен невалиден PCR-тест, тогаш задолжителен е државен карантин во траење од 14 дена.
