Од опозициската партија предупредуваат дека ова се само првите чекори на меѓународната заедница. Оттаму потсетуваат дека САД веќе го подготвуваат законот за Западен Балкан, кој е насочен директно кон борбата против криминалот и корупцијата во регионот
Одлуката на Соединетите Американски Држави да ја суспендираат обработката на визи за македонските граѓани не е обична техничка пауза, туку сериозно предупредување за насоката во која се движи државата, реагираат од опозициската СДСМ. Дополнително, оттаму обвинуваат дека Македонија денес ја плаќа цената на, како што велат, погрешните политики на премиерот Христијан Мицкоски.

Според нив, овие политики водат кон затворање, изолација и губење на довербата кај клучните стратегиски партнери, што земјата ја става во категоријата на „третиот свет“.
„Надворешната политика на оваа влада е сведена на антиамерикански активности на најблиските соработници на Мицкоски, како неговиот вицепремиер Стоилковиќ, кој има отворени проруски ставови, директни врски со Москва“,
велат од СДСМ.
Опозицијата тврди дека власта спроведува и агресивна анти-ЕУ кампања. Според нив, наместо да се работи на реформи, намерно се продуцираат судири со Грција и Бугарија и се отвораат веќе затворени прашања. Во таа конотација, мерката на САД за визите, според нив, е индикатор кој ја сместува Македонија во периметарот на Сомалија на меѓународната мапа.
Од опозициската партија предупредуваат дека ова се само првите чекори на меѓународната заедница. Тие потсетуваат дека САД веќе го подготвуваат законот за Западен Балкан (Democracy and Prosperity Act), кој е насочен директно кон борбата против криминалот и корупцијата во регионот.
„СДСМ ќе продолжи јасно и гласно да ја разоткрива оваа опасна агенда на власта и да се бори против политиките на изолација и разорување на стратешкото партнерство со САД“,
соопштија од опозициската СДСМ.
