Работниците не може да бидат на маргините за нечиј политички пазар. Пратениците да не си играат со народот и работникот и да ги донесат мерките, за со тоа да се зачуваат работни места и исплатат плати на работниците, предупредуваат од ССМ
Стопанската комора на Северна Македонија бара пратениците итно да ги изгласаат законите поврзани со петтиот пакет мерки, кои ги очекуваат нејзините членки како поддршка во услови на пандемија.
„Сведоци сме дека во парламентот т.н. петти пакет економски мерки, доставен од Владата, многу долго чека да биде изгласан. Во ситуација кога македонската економија поминува низ многу тежок период на справување со сите последици од пандемијата, исклучително е важно помошта од државата да стигне што побргу до сите за кои е предвидена. Со петтиот пакет економски мерки, тежок околу 160 милиони евра, ќе се овозможи околу 60 илјади вработени месечно да земаат плата. За некои тоа е единствениот приход во семејството. Ќе им се помогне на компаниите со голем пад на приходите, на меѓународните транспортери, на самостојните вршители на дејност, на увозниците и извозниците и на компаниите кои инвестираат. Но не само на правните лица туку и на граѓаните со долгови врз основа на камати кон јавни институции и кон јавни претпријатија“,
се вели во соопштението од Стопанската комора.
Од Комората посочуваат дека нејзини компании членки го вработуваат секое трето лице и создаваат половина од вкупниот приход и половина од нето-добивката на сиот приватен сектор во земјава.
„Имајќи го предвид значењето на поддршката во кризен момент, во каков и се наоѓаме, апелираме до сите пратеници во парламентот итно да се состанат, да го изгласаат петтиот пакет економски мерки и целата оваа ситуација конечно да се разреши во корист на македонската економија и на граѓаните“,
нагласуваат од Стопанската комора.
Реагираа и од Синдикатот за текстил, кожа и чевли при Сојузот на синдикатите, од каде што посочуваат дека ако петтиот пакет мерки не се донесе до крајот на неделава, тројно повеќе текстилни работници ќе бидат пуштени на принуден одмор.
Оттаму велат дека пратениците си играат со судбината на илјадници работници кои чекаат плата за февруари и за март.
„Нечовечки е во услови на пандемија, парламентот да си игра со судбината на илјадници работници кои чекаат плата за февруари и за март, а сега сме април. Народните пратеници испаднаа ненародни луѓе и не знам со каков образ ќе бараат поддршка на следните избори од работниците кои ги оставија без две плати и егзистенција“,
вели Љупчо Радевски, претседател на Текстилниот синдикат.
Од Сојузот на синдикати на Македонија потсетуваат дека државната помош треба да ги спаси работните места до втората половина на годинава кога се очекува враќање на нарачките од странските партнери и континуирана работа на текстилните погони.
„Работниците не може да бидат на маргините за нечиј политички пазар. Пратениците од власта и опозицијата да не си играат со народот и работникот и да го донесат петтиот пакет мерки и со тоа да се зачуваат работните места и исплатат платите на работниците“,
порачува претседателот на ССМ, Дарко Димовски.