Од „Стоп за Вардариште“ нагласуваат дека нивната единствена цел е чист воздух и здрава животна средина и оти нивната сила лежи во единството и решителноста
Митески вели дека оние граѓани кои искрено протестираат, не можат да дојдат до израз бидејќи микрофонот им го преземаат политички партии

Граѓанската иницијатива „Стоп за Вардариште“ не се согласува со в.д. градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески, околу политичката задnина на протестите за загадувањето на воздухот што секојдневно се одржуваат на крстосницата кај мостот „Близнаци“. Од иницијативата ги отфрлаат тврдењата на градоначалникот дека нивните активности се под влијание на политички партии.
„Нашата иницијатива е исклучиво граѓанска, чесна и независна – за здравјето на сите нас, за воздух без чад и отров, за иднината на нашите деца“,
стои во соопштението.
Тие потенцираат дека протестите ги организираат и водат исклучиво граѓаните и никому не дозволуваат да ја злоупотреби нивната борба за партиски цели.
Иницијативата ги повикува сограѓаните да останат обединети, да не подлегнуваат на дезинформации и да не дозволат политички агенди да ја поткопаат нивната искрена борба.
Тие нагласуваат дека нивната единствена цел е чист воздух и здрава животна средина и оти нивната сила лежи во единството и решителноста.
В.д. градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески, во видео објавено на неговиот фејсбук-профил признава дека протестите започнале како искрен израз на незадоволство на граѓаните од загадениот воздух, но смета дека тие, за жал, биле преземени од одредени политички партии.
„Протестите почнаа како искрени, меѓутоа за жал потоа ги преземаа одредени политички партии, односно лица коишто пробуваат да извлечат политички интерес и се плашам дека и ќе ги загушат со таквото делување“,
изјави Митески.
Тој додава дека поради тоа, граѓаните што искрено протестираат не можат да дојдат до израз, бидејќи микрофонот им го преземаат политички партии.
Градоначалникот нагласува дека загадувањето доаѓа од двете големи депонии во Скопје, Вардариште и „Дрисла“, кои иако се надвор од територијата на Аеродром, најмногу ги погодуваат жителите на општината.
Изминатите дваесетина дена жителите на Аеродром и Ново Лисиче во организација на граѓанската иницијатива „Стоп за Вардариште“ бараат надлежните да го слушнат нивниот глас и да најдат трајно решение за дивата депонија во Вардариште.
Најавија дека на истата локација ќе се собираат секој ден во 18 часот, сè додека надлежните не преземат сериозни акции за контрола и расчистување на депониите.
Протестите дојдоа откако на крајот на август избувна голем пожар на дивата депонија во Вардариште, по кој воздухот со денови мирисаше на ѓубре и на изгорено.