Од граѓанската иницијатива велат дека пораката е јасна, а тоа е дека повеќе нема да се молчи и нема да се одлага револтот и нема повеќе да се дозволи жртвување на здравјето на граѓаните на сметка на профитот

Граѓанската иницијатива „Стоп за Усје“ во четврток, 25 декември со почеток во 18:00 часот повикува на граѓанска блокада на раскрсницата на булевар „Борис Трајковски“ и булевар „Србија“.
Воедно граѓанската иницијатива ќе одржи прес-конференција на која јавно ќе бидат изнесени барањата до надлежните институции, со цел конечно и трајно решавање на проблемот со загадувањето на воздухот во Скопје, за кое велат оттаму, е предизвикано од работењето на Цементара Усје.
„Блокадата е организирана како мирен, но решителен протест против континуираното труење на скопјани, кое со години се одвива со знаење, толеранција и институционална поддршка од страна на државните органи. Наместо заштита на јавното здравје, сведоци сме на системско игнорирање на алармантните податоци, неделување и прикривање на одговорноста“,
се вели во соопштението на „Стоп за Усје“.
Оттаму велат дека пораката е јасна, а тоа е дека повеќе нема да се молчи и нема да се одлага револтот и нема повеќе да се дозволи жртвување на здравјето на граѓаните на сметка на профитот.
