Приватните стоматолози се жалат дека поради ковид-19 се изложени на зголемени трошоци за набавка на заштитна опрема, согласно протоколите за работа, а со цел превенција од ширење на вирусот.
Во соопштение до јавноста бараат итно отпочнување преговори со Фондот за здравствено осигурување за зголемување на висината на капитацијата бидејќи, како што велат, товарот не треба да падне на пациентите, а цените на услугите при договор склучен со ФЗО не ја вклучуваат дополнителната опрема.
„Со цел заштита и превенција во стоматолошките ординации, потребна е нова вонстандардна опрема за лична заштита, согласно новите протоколи за работа, што опфаќа работна униформа со долги ракави и заштита на вратот, N95, FFP3 или FFP2 маска, визир, еднократно заштитно одело, скафандер или мантил за еднократна употреба, зависно од интервенцијата. Зголемени се цените и на материјалите и на средствата за дезинфекција, а исто така ограничени се и стоматолошките интервенции кои можат да се пружат на пациентите. Намален е приемот на пациенти заради почитување на мерките и протоколите и сето ова придонесува за зголемување на цената на услуга од 500-1500 денари зависно од интервенцијата“,
се наведува во денешното соопштение.
Од Групацијата за приватно здравство при Сојузот на стопански комори и Здружението на доктори специјалисти концесионери од специјалистичко-консултативна стоматолошка здравствена заштита и Здружението на приватни здравствени стоматолошки установи и приватни доктори по дентална медицина, информираат дека испратиле допис со конкретни предлог-економски мерки до ресорното министерство по одржаниот состанок со министерот за здравство на 12 мај.
Стоматолошките ординации беа ставени во вонреден режим од 11 март, а подоцна и целосно затворени по препорака на Министерството за здравство, ФЗО и Стоматолошката комора со цел превенција на ширење на епидемијата.
Тогаш функционираа само неколку дежурни јавни здравствени установи и приватни амбуланти кои примаа само итни случаи со силна забоболка која не минува со лекови, скршеници и инфекции.
Од 13 мај стоматолошките ординации почнаа со работа, но сѐ уште функционираат со ограничен број интервенции и пациенти.
