Меѓу говорниците на отворањето на Одбранбениот форум во Скопје беше и американската амбасадорка Анџела Агелер која рече дека улогата на Алијансата во гарантирањето на евроатлантската безбедност никогаш не била поголема и дека секој граѓанин на Северна Македонија треба да биде многу горд на придонесот кон унапредувањето на регионалната и глобалната стабилност

Северна Македонија активно придонесува кон колективната безбедност, има место и рамноправен глас на масата на НАТО и ја ужива целосната заштита на Алијансата, порача денеска генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, во своето видеообраќање на првиот Одбранбен форум во Скопје, организиран од Министерството за одбрана.
Форумот се поклопува со тригодишнината од членството на Северна Македонија во НАТО, за што тој порача дека земјава денес има рамноправен глас во дискусиите и ја ужива целосната заштита од Алијансата. Говорејќи за придобивките, како пример ја наведе поддршката од експерти од НАТО во справувањето со дојавите за бомби.

„Неодамна, Северна Македонија се соочи со намерни и континуирани хибридни напади, вклучувајќи закани со бомби и сајбер-напади. Но, вие не бевте сами. Експерти на НАТО отидоа во Скопје за да споделат информации и да обезбедат техничка поддршка. Ова е конкретен пример за придобивките од НАТО. Членството, исто така, помага да ѝ се даде на Северна Македонија стабилност, што е основа на економскиот раст и помага да се шири безбедноста во Западен Балкан. Северна Македонија, исто така, ја зголемува безбедноста на нашата Алијанса, придонесувајќи со војници во нашите борбени групи во Бугарија, Латвија и Романија и ги поддржува нашите мисии во Косово и Ирак. Ние сме семејство на демократии посветени да се бранат едни со други. Сите за еден и еден за сите“,
рече Столтенберг.
Министерката за одбрана Славјанка Петровска, пак, во говорот рече дека организирањето на Одбранбениот форум е круна на одбележувањето на нашето членство во Алијансата и по повод Денот на НАТО, а неговата цел е да го интензивира дијалогот со сите општествени чинители зашто развојот на одбраната побарува мултисекторски пристап.

„Она кон што целиме е целосна симбиоза помеѓу одбраната и Армијата, од една страна, и академскиот и невладиниот сектор, од друга, зашто ние сме меѓузависни и речиси секојдневно мораме да соработуваме, да се координираме и заеднички да наоѓаме решенија на сите предизвици“,
потенцира министерката.
Во однос на новите безбедносни предизвици и ставот на Северна Македонија, Петровска посочи дека нашата земја недвосмислено стои зад вредностите на НАТО и современиот свет и дека тоа беше покажано со јасно изразениот став на осуда на нападот над суверенитетот и интегритетот на Украина и нејзиното право на слобода. За справувањето со хибридните закани, вклучувајќи ги и дезинформациите, пак, нагласи оти е важна улогата и на цивилното општество.
„Министерството предводи во развојот на овие капацитети. Развиваме систем за справување со дезинформации кој, меѓу другото, се темели и на соработката со цивилниот сектор кој е агилен и брзо прилагодлив – два елементи кои се исклучително важни за ефикасно справување со оваа негативна појава која има огромен деструктивен потенцијал. Дезинформациите и сајбер-нападите целат директно во суштината на општеството – во демократските процеси, довербата на граѓаните во институциите и демократски избраните влади, во функционалноста на системот“,
рече министерката.
Меѓу говорниците на отворањето на Одбранбениот форум беше и американската амбасадорка Анџела Агелер, која рече дека улогата на Алијансата во гарантирањето на евроатлантската безбедност никогаш не била поголема и дека секој граѓанин на Северна Македонија треба да биде многу горд на придонесот кон унапредувањето на регионалната и глобалната стабилност.

„Со речиси 200 трупи во мисии на НАТО, ЕУ и ООН вие ја демонстрирате вашата посветеност на нашите заеднички вредности и САД се горди да бидат заедно со вас во многу операции. НАТО секогаш бил сила за стабилност и безбедност која докажа својата способност за брз одговор на кризи“,
рече амбасадорката Агелер.
На Одбранбениот форум во Скопје има над 250 присутни, а обраќања во петте панели имаат претставници не само од Северна Македонија, туку и од Германија, Белгија, Словачка, Бугарија, Хрватска, Босна и Херцеговина и други земји.