Причина за падот, најверојатно, е што леталото снемало гориво, изјави денеска генералниот секретар на Алијансата
Беспилотното летало кое минатата недела падна во Загреб, според првичните информации со кои располага НАТО, немало никакво оружје, а причина за падот најверојатно е што снемало гориво, изјави денеска генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг.
„Преодните информации велат дека станува збор за невооружен дрон и дека тој излегол од својот пат, му снемало гориво и паднало во Хрватска. Ќе се осигуриме дека сите сојузници разменуваат информации и ќе ги утврдиме фактите, ова покажува дека е потребно да се засили интеграцијата и споделувањето информации, да се инвестира повеќе, да се модернизираат радарите и да се зголеми воздушното присуство“,
рече, меѓу другото, Столтенберг.
Премиерот на Хрватска, Андреј Пленковиќ, вчера изјави дека во беспилотното летало што минатата недела се урна во Загреб имало некаков тип експлозив, но дека истрагата ќе го открие за што се работи.
„Тоа беше експлозив, вид бомба“,
изјави Пленковиќ пред новинарите во Загреб по состанокот на раководството на Хрватската демократска заедница што тој го предводи.
Тој нагласи дека продолжува интензивната комуникација со НАТО и најави дека кон средината на следната недела ќе отпатува за Шпанија поради дополнителни информации за леталото, од каде што НАТО го надгледува целиот воздушен простор.