Претходно на долгорочна војна предупреди и британскиот премиер Борис Џонсон, според кој, сè ќе зависи од тоа дали Украина ќе може да ја зајакне сопствената способност да ја одбрани својата територија побрзо отколку што Русија може да го обнови својот капацитет за напад

Западот мора да се подготви да продолжи да ја поддржува Украина во војна што ќе трае со години, предупредува генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.
Според него, трошоците за војната се големи, но цената за тоа да се дозволи Москва да ги постигне своите воени цели е уште поголема.
„Мораме да се подготвиме за фактот дека тоа може да потрае со години. Не смееме да се откажеме од поддршката на Украина. Дури и ако трошоците се високи, не само за воена поддршка туку за поради зголемените цени на енергијата и храна“,
вели шефот на НАТО во интервју за германскиот весник „Билд“.
Според него, снабдувањето на Украина со помодерно оружје ќе ѝ ги зголеми шансите да го ослободи источниот регион Донбас од кој голем дел во моментов е под руска контрола.
Ваквите изјави на Столтенберг доаѓаат откако на долгорочна војна предупреди и британскиот премиер Борис Џонсон. Пишувајќи за „Сандеј тајмс“, Џонсон го обвини рускиот претседател Владимир Путин дека е наклонет кон „кампања на трошење“ и „се обидува да ја уништи Украина со чиста бруталност“.
„Се плашам дека треба да се челичиме за долга војна. Времето е витален фактор. Сè ќе зависи од тоа дали Украина ќе може да ја зајакне сопствената способност да ја одбрани својата територија побрзо отколку што Русија може да го обнови својот капацитет за напад“,
смета британскиот премиер.
Џонсон смета и дека испораката на оружје, опрема и муниција за Украина треба да ги надмине можностите на Москва да се вооружа.
За потребата од вооружување на своите сили, изминатите денови постојано зборуваат и украинските власти. Министерот за одбрана на Украина, Олексеј Ресников, минатата среда во Брисел имаше средба со претставници на околу 50 земји од групата за одбрана на Украина со цел да побара повеќе оружје и муниција.
Од почетокот на руската инвазија, западните сојузници испратија големи резерви на оружје, но Украина вели дека добила само мал дел од она што и е потребно за да се одбрани и бара потешко оружје.