Заврши вонредниот состанок на НАТО, на кој учествуваа министрите за надворешни работи на земјите членки на Алијансата, меѓу кои и министерот Бујар Османи, каде што главна тема беше ситуацијата во Украина и дејствијата на Русија во и околу оваа земја.
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, изјави дека сојузниците разговарале за неиспровоцираното и неоправдано воено зајакнување на Русија околу Украина. Тој рече дека ризикот од конфликт е реален, а агресивните акции на Русија го нарушуваат безбедносниот поредок во Европа.
„Жал ни е што, и покрај повиците од меѓународната заедница, Русија не презеде чекори за деескалација. Продолжува зајакнувањето на руската армија со десетици илјади борбени трупи, како и заканувачката реторика и употребата на сила против соседите“,
рече Столтенберг на прес-конференција по средбата.
Тој повтори дека НАТО-алијансата останува посветена на двонасочниот пристап кон Русија: силно одвраќање и одбрана, во комбинација со значаен дијалог.
Тој рече дека сојузниците в среда ќе се сретнат со претставниците на Русија на Советот НАТО-Русија.
„На состанокот ќе се разговара за ситуацијата во и околу Украина и за импликациите за европската безбедност. Го поздравувам и фактот што САД и Русија ќе разговараат во Женева в понеделник и што ОБСЕ ќе се состане в четврток. Серијата ангажмани следната недела е можност Русија да покаже дека е сериозна за дијалог и дипломатија“,
рече шефот на НАТО и додаде дека Алијансата е подготвена да ги сослуша аргументите на Русија.
Столтенберг рече дека за дијалогот да биде значаен, тој исто така мора да одговори на долгогодишната загриженост на сојузниците во врска со активностите на Русија и мора да се заснова на основните принципи на европската безбедност и тоа мора да се одвива во консултации со Украина.
Тој додаде дека НАТО ќе се вклучи во дијалогот со Русија со добри намери, но како што вели, „мора да бидеме подготвени на можноста дипломатијата да пропадне“.
„Така, министрите денеска истакнаа дека секоја натамошна агресија врз Украина ќе има значителни последици и ќе има голема цена за Русија. Сојузниците сè уште стојат зад Украина“,
рече Столтенберг.
Тој повторува дека сојузниците јасно ставиле до знаење дека НАТО секогаш ќе ги преземе неопходните чекори за да ги заштити и одбрани земјите членки.
Кремљ неодамна објави нацрти на два документи, безбедносен договор меѓу Русија и САД и безбедносен договор меѓу Москва и НАТО, направени во време на растечки тензии поради трупањето руски војници во близина на Украина. Распоредувањето на руските трупи ги поттикна стравувањата на Киев и Западот од можна руска инвазија на Украина.
Русија негира дека планира напад врз соседна Украина, но бара гаранции дека НАТО нема да се прошири во таа земја и нема да распореди оружје на нејзина територија. Русија очекува да одговори на предлозите што ги претстави во нацрт-документите до крајот на јануари.