Ова на вчерашната прес-конференција, пред денешниот министерски состанок на НАТО во Брисел, го изјави генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, одговарајќи на новинарско прашање кое го постави новинар од македонската ТВ 21 во врска со посетата на експертскиот тим на НАТО на Скопје минатиот месец кој најави поддршка за земјава во справувањето со хибридните напади
Поддршката што НАТО и сојузниците се подготвени да ѝ ја дадат на Северна Македонија, која се соочува со различни видови хибридни и кибернапади, вклучува техничка поддршка и посилна соработка за борба против дезинформациите.

Ова на вчерашната прес-конференција, пред денешниот министерски состанок на НАТО во Брисел, го изјави генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, одговарајќи на новинарско прашање кое го постави новинар од македонската ТВ 21.
Прашањето што го постави новинарот гласи:
„Пред извесно време експертски тим на НАТО предводен од г. Џејмс Апатураи го посети Скопје во врска со хибридните напади врз виталните институции на Северна Македонија и лажните дојави за бомби. Тој, исто така, изјави дека Северна Македонија не се справува сама со овој проблем и дека добива поддршка од НАТО. Можете ли да објасните за каква поддршка станува збор и што произлезе од оваа посета?“.
Одговарајќи на ова прашање, генералниот секретар на Алијансата кажа дека експертскиот тим на НАТО, кој беше во посета на Скопје минатиот месец, и Владата на Северна Македонија договориле сет од различни краткорочни и долгорочни чекори кои НАТО и сојузниците можат да ги преземат за да ја поддржат земјава во одбраната од хибридните напади со кои се соочува.
„Неодамна, всушност, разговарав за ова прашање и со премиерот на Северна Македонија и, се разбира, НАТО е таму за да им помогне и да ги поддржи сојузниците бидејќи сега обезбедуваме помош и поддршка за Северна Македонија која се соочува со различни видови хибридни и киберзакани. Поддршката што НАТО и сојузниците се подготвени да ѝ ја понудат на Северна Македонија вклучува техничка поддршка и посилна соработка за борба против дезинформациите“,
кажа Столтенберг.
Во одговорот на прашањето, генералниот секретар на НАТО ја искористи можноста и ја пофали македонската Влада за, како што рече, брзата и детална работа во развојот на програмата за соработка што била договорена.
На почетокот на минатиот месец во посета на Скопје беше делегација на НАТО предводена од заменик-помошникот генерален секретар за новите безбедносни предизвици, Џејмс Апатураи, кој тогаш порача дека земјава не е сама во справувањето со хибридните напади, туку дека ја има поддршката од Алијансата.