По денешните средби во Косово, генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг изјави дека косовските власти мора да го почитуваат договорот од 2013 година за косовските безбедносни сили да не влегуваат на северниот дел на Косово без договор со КФОР и НАТО.

„Очекувам косовските власти да се придржуваат до договорот што го склучивме во 2013 година. Безбедносните сили на Косово да не се распоредуваат на Северот без претходна согласност на КФОР и НАТО. И мислам дека ова е најдобриот начин да продолжиме да ја наоѓаме вистинската рамнотежа и да избегнуваме ситуации што може да ги поткопаат напорите за изнаоѓање решенија и да се избегне сè што може да го наруши дијалогот Приштина-Белград“
рече Столтенберг.
Столтенберг на прес-конференцијата кажа дека е дојден за да испрати порака дека НАТО ќе остане за да помогне и да создаде безбедно и мирно опкружување за сите граѓани на земјата.
„Нашата мисија е заснована на услови, а КФОР е на Косово да помогне во создавање на безбедно и мирно опкружување за сите заедници. Исто така, силно ги поддржуваме напорите да се најде политичко решение. Тука сме многу години. Чувствуваме одговорност да придонесеме за мирот и стабилноста на Косово, што е исто така важно за целиот регион“
изјави Столтенберг.
Од друга страна пак, косовскиот премиер Албин Курти во мај потврди дека го испратил до обвинителството договорот од 2013 година, кој беше потпишан од тогашниот косовски претседател Хашим Тачи и тогашниот шеф на НАТО Андерс Фог Расмусен.
На ова Столтенберг рече дека „кога потпишувате договор, тој продолжува дури и кога имате нови луѓе на одговорни позиции“.