Според него, Косово е пример за тоа како ЕУ и НАТО работат заедно, при што Унијата е задолжена за дипломатските напори, а Алијансата за безбедноста
Формирањето на Заедницата на српски општини во Косово би можело да претставува чекор напред во обидите за изнаоѓање решение, изјави денеска генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг на прес-конференцијата по завршувањето на дводневниот состанок на министрите за надворешни работи на Алијансата во Брисел.
Тој посочува дека изминативе неколку месеци виделе сериозни насилни инциденти во Косово, како нападот врз мировниците на НАТО, при што беа повредени 93 војници, а потоа и инцидентот во Бањска во кој имаше и загинати.
„Ова се сериозни предизвици со кои се соочуваме во Косово и важно е сите страни да работат на деескалација, преку намалување на тензиите и на подбуцнувачката реторика, што може да ги зголеми тензиите. Тоа беше мојата порака при неодамнешните средби во Приштина и Белград“,
рече Столтенберг.
Според него, Косово е пример за тоа како ЕУ и НАТО работат заедно, при што Унијата е задолжена за дипломатските напори, а Алијансата за безбедноста.
„Верувам дека предлогот за формирање на Заедницата на општини со мнозинско српско население би можело да биде чекор напред во обидите за изнаоѓање решение и за постигнување напредок во дијалогот што се води со посредство на ЕУ“,
изјави Столтеберг.
Прашан дали се планира испраќање дополнителни трупи на Алијансата во Босна и Херцеговина, Столтенберг изјави дека НАТО веќе има 5 000 војници во земјата, но примарно како поддршка на Силите на ЕУ во БиХ – ЕУФОР/Алтеа.
Тој потсети дека неодамна ОН го продолжија мандатот на силите на ЕУ, додавајќи дека доколку тоа не се случеше, тогаш НАТО ќе размислуваше да испрати свои војници во БиХ.
„Не смееме да дозволиме безбедносен вакуум во Босна и Херцеговина и затоа силно го поддржавме продолжувањето на мандатот на ЕУФОР/Алтеа“,
додаде Столтенберг.
Столтенберг, на прес-конференцијата, рече и дека на состанокот разговарале и за патот на Украина кон членството во НАТО.
„Дадовме препораки за клучните реформи во земјата, вклучително и борбата против корупцијата, подобрувањето на владеењето на правото и малцинските права. Украина никогаш не била поблиску до НАТО“,
рече Столтенберг.
Според него, сојузниците остануваат цврсти во својата заложба за понатамошна засилена политичка и практична поддршка за Украина додека таа продолжува да ја брани својата независност, суверенитет и територијален интегритет во рамките на нејзините меѓународно признати граници, и ќе ја продолжат својата поддршка толку долго колку што е потребно.
The #NATO–#Ukraine Council met today for the 1st time at the level of Foreign Ministers. Allies remain steadfast in their commitment to further step up political & practical support to Ukraine.https://t.co/r9eWUfKtOm
— Jens Stoltenberg (@jensstoltenberg) November 29, 2023