Во своето видеообраќање на „Преспа форумот“, Столтенберг за Северна Македонија рече дека е валиден сојузник кој придонесува во мировната мисија во Косово која е од витално значење за безбедноста на Западниот Балкан, особено во време на зголемени тензии
Светот се наоѓа на крстопат, од каде што едната насока води кон страв, опресија и војна, додека другата страна води кон надеж, демократија и мир. Тоа е патот што НАТО секогаш ќе го одбере, истакна генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, во своето видеообраќање на сесијата „Мир и демократија наспроти војна и автократија“ организирана од претседателот Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, во рамки на „Преспа форумот“ што се одржува во Струга.
Столтенберг во својот говор се осврна и на договорот од Преспа, кој овозможи, како што истакна, пристапување на Северна Македонија во НАТО и придонесе кон добрососедски односи.
Според него, договорите како Преспанскиот се важен дел од меѓународниот поредок заснован врз правила нагласувајќи дека таквите договори ја обезбедуваат слободата, овозможуваат напредок, отвораат перспективна иднина.
„Алтернативата на тоа е катастрофа, како што можеме да видиме во Украина. Руската инвазија врз Украина го уништи мирот низ Европа и темелно ја промени нашата споделена безбедност. Кога и да заврши војната во Украина, односите со Москва драматично се променети, а безбедносниот пејзаж во Европа никогаш повеќе нема да биде ист“,
рече генералниот секретар на НАТО.
Зборувајќи за процесот на зајакнување на руско-кинеските односи, Столтенберг рече дека тие се предизвик за нашата безбедност, нашите интереси и вредности.
„Како што авторитарните режими ја зголемуваат својата соработка, дотолку поважно е оние што веруваат во слободата и демократијата да застанат рамо до рамо и да го промовираат мирот, да ја штитат споделената безбедност и да ги бранат глобалните правила. Тоа го покажуваме јасно преку институциите како ЕУ и НАТО“,
рече Столтенберг.
За Северна Македонија генералниот секретар на НАТО рече дека е валиден сојузник, кој придонесува во мировната мисија во Косово која е од витално значење за безбедноста на Западниот Балкан, особено во време на зголемени тензии.
Што се однесува на прашањето за проширување на европското семејство до 2030 година, тој рече дека тоа не само што е возможно, туку и се случува во моментов.
„Следејќи ги стапките на Северна Македонија, Финска како одговор на руската инвазија се придружи на Алијансата. Сакам да ве уверам дека и шведското присоединување кон НАТО ќе биде комплетрирано што е мошне побрзо. Тоа важи и за Украина, сите наши сојузници се согласија земјата да стане дел од НАТО, а во Алијансата Русија нема право на вето“,
рече Јенс Столтенберг во видео обраќањето на „Преспа форум“.
