НАТО ги осудува руските ракетни и беспилотни напади врз украинските цивили, вклучително и со оружје од Северна Кореја и Иран
НАТО денеска ја потврди својата посветеност за дополнително зајакнување на одбраната на Украина, а воедно и ја осуди ескалацијата на руските воздушни напади врз Украина, како и руската употреба на балистички ракети од Северна Кореја и беспилотни летала од Иран.

Ова денеска беше одлучено на Самитот НАТО – Украина, а сојузните ветија и дополнителна воздушна поддршка за Украина.
„Преку НАТО, сојузниците купуваат до 1 000 ракети за противвоздушна одбрана ’Патриот’ за да ги надополнат своите резерви, додека продолжуваат да ја зајакнуваат воздушната одбрана на Украина. Германија неодамна ѝ испорача на Украина системи за противвоздушна одбрана ’Патриот’ и ’Скајнекс’ и дополнителни ракети за ПВО ИРИС-Т, а Обединетото Кралство испраќа околу 200 ракети за противвоздушна одбрана во Украина. Денес, сојузниците јасно ставија до знаење дека ќе продолжат да ѝ обезбедуваат на Украина голема воена, економска и хуманитарна помош, а многу сојузници ги истакнаа плановите да обезбедат милијарди евра дополнителни капацитети во 2024 година“,
стои во соопштението на НАТО.
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, рече дека НАТО ги осудува руските ракетни и беспилотни напади врз украинските цивили, вклучително и со оружје од Северна Кореја и Иран.
„Путин втора година по ред се обидува да ја истроши Украина со масовни бомбардирања, но нема да успее. Руската кампања на суровост само ја зајакнува решителноста на Украина. Додека Москва ги интензивира своите напади врз украинските градови и цивили, сојузниците на НАТО ја зајакнуваат воздушната одбрана на Украина. Ќе продолжиме да стоиме на страна на храбрите Украинци додека тие возвраќаат против руската агресивна војна“,
изјави Столтенберг.
Советот НАТО – Украина беше создаден на Самитот на НАТО во јули 2023 година и служи како форум за заеднички консултации, донесување одлуки и активности меѓу НАТО и Украина.