Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) добива пријави од граѓани кои укажуваат дека одредени домаќинства користат недозволени средства за затоплување и со тоа го загадуваат амбиенталниот воздух. Директорот Сретен Стојковски на денешната прес-конференција посочи и дека повеќе студии покажале дека најголем загадувач на воздухот се домаќинствата, но, како што кажа тој, Инспекторатот нема ингеренции да влегува во приватни домови, за да констатира дали греењето е прописно или не.
„Имавме повеќе претставки од граѓани кои укажуваат дека се користат недозволени средства за затоплување, но ние како Инспекторат немаме надлежност да влеземе во куќи без судска наредба, така што, цело време апелираме до граѓаните да користат извори за греење кои не ја загадуваат животната средина, да се избегнува греење на пластика и гума или дрво од индустријата за производство на мебел. Останува на тоа само да апелираме“,
изјави Стојковски на денешната прес-конференција на ДИЖС, кои одбележуваат 26 години постоење.

Тој вели дека инспекторите излегуваат на терен и пишуваат казни, само во случаи кога има натрупување на отпад во дворовите.
„Само во претходните 3-4 месеци имаме санкционирано околу 5 физички лица со глоба од 250 евра, кои ја платија во рок од 8 дена, значи 125 евра, и тие се задолжени површините каде што складирале отпад“,
кажа првиот човек на ДИЖС.
Инаку, Скопје утринава се искачи на високото трето место на листата на најзагадени градови во светот, според мерењето на квалитетот на воздухот пред 12 часот.
Доколку загадувањето на воздухот го надминува дозволениот праг два последователни дена , тогаш, по налог на Министерството за животна средина, ДИЖС имаат обврска да ги зајакнат контролите на субјектите кои се во нивна надлежност, а тоа се фирмите со А-интегрирани дозволи и субјекти кои поседуваат елаборати одобрени од ресорното министерство.