Тој вели дека дел од средствата ќе бидат за изградба и рехабилитација на патишта, но и за инвестиции во објекти од здравството

За околу две недели се очекува да биде склучен договор меѓу македонската влада и владата на западноевропска земја, а кој ќе значи повлекување средства што ќе бидат директно насочени кон реализација на големи проекти, најави пратеникот од редовите на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојановски, во синоќешното гостување во Телевизија 24.
„Сега за околу две недели ќе се склучи договор кој ќе биде влада со влада“,
рече Стојановски.
Тој вели дека дел од средствата ќе бидат за изградба и рехабилитација на патишта, но и за инвестиции во објекти од здравството.
„Тоа е половина милијарда или една милијарда за изградба на локални магистрални експресни патишта. Дел ќе бидат рехабилитирани, дел ќе бидат отпочнати целосно нови. Тука ќе биде новата болница, односно завршување на Клиничкиот центар, односно болницата во Штип, изградба на нова болница во Кичево, како и реконструкција на операциони сали на неколку оддели во болницата во Тетово“,
додаде Стојановски.
Исто така, рече тој, ќе започне и градбата на Коридорот 10, брзата пруга за која рече дека за патници ќе се движи со брзина од 160 километри на час, а за транспорт на стока со 110 километри на час.
„И сите овие проекти ќе бидат потпишани. Ова се проекти коишто се реализираат“,
рече Стојановски.
За реализација на капитални и инфраструктурни проекти, изминатите месеци општините аплицираа на два јавни повика на Владата, а средствата беа од унгарскиот кредит.
Според последните информации од Министерството за локална самоуправа на вториот јавен повик аплицирале сите 80 општини.
Најголем дел од апликациите се за подобрување на патната инфраструктура, но има и проекти за заштита на животната средина, односно за уредување речни корита, тревни и парковски површини, како и за изградба и доградба на училишта и градинки.