Стојанов посочува дека ако новите мерки за ковид-19 не дадат резултати Комисијата за заразни болести ќе предложи полициски час
Коментирајќи ги критиките во јавноста дека за тестирање за ковид-19 се чека со денови, првиот човек на Центарот за јавно здравје во Скопје, Александар Стојанов во интервју за МИА вели дека тоа е резултат од зголемениот број на лица со сомнителни симптоми на ковид-19.
Капацитетите за тестирање вели не се неограничени и затоа апелира да се почитуваат мерките за да не се оптерети здравствениот систем и да може да одговори на сите барања.

„Медицинскиот кадар кој работи во лабораториите и останатите во здравствениот сектор никогаш не се доволни, и здравствените работници се разболуваат, имаат разни здравствени проблеми, жените забременуваат, апаратите се расипуваат, се сервисираат и сето ова ја усложнува работата и издавањето на резултатите. Зголемениот број лица со индикации за тестирање го зголемува и времето на чекање затоа што немаме неограничени капацитети, но додека да се тестира сомнителниот пациент и додека да се добие резултат, потребно е да останат во самоизолација поради секоја сигурност“,
вели Стојанов.
Тој вели дека Центарот за јавно здравје се соочува и со проблеми во екипираноста на кадарот и дека помош добиваат од други институции.
„Во моментот останати сме без двајца епидемиолога и еден микробиолог. Едниот е на боледување веќе подолго време, другиот најде работа во Холандија и колешка е на породилно отсуство. Имаме отсутни и по други основи, но добиваме и помош од други институции, така да ја компензираме работата, со напор“,
вели Стојанов.
Стојанов посочува дека ако новите мерки за ковид-19 не дадат резултати Комисијата за заразни болесит ќе предложи полициски час.
На прашањето како го коментира барањето на ВМРО-ДПМНЕ за формирање нова специјална комисија за борба против ковид 19, која ќе ја избира Собранието, тој вели дека секоја добронамерна помош е добредојдена.
„И Комисијата е веќе заморена од осуммесечната постојана работа, сите сме и со други професионални задолженија и обврски и добро би ни дошла помош со нови луѓе со нови издржани идеи ако ги имаат“,
вели Стојанов.