Пратеникот рече дека дури и СДСМ не ја свика седницата на Комисијата за финансирање и буџет, чиј рок за свикување истекува попладнево во 18 часот, ВМРО-ДПМНЕ ќе направи сè што е возможно во рамки на деловничките можности овој закон да помине
Лицемерно е СДСМ да го блокира законот со кој се обезбедуваат средства за капитални проекти за општините, а од друга страна општините каде што градоначалник е од редовите на СДСМ како Струмица, Делчево, Валандово, Пробиштип да поднесуваат проекти со цел обезбедување на овие средства.
Ова е коментарот на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, во врска со најавата на опозицискиот СДСМ оти предлог-законот за задолжувањето кај Унгарија нема да го стави на расправа во собраниската Комисија за финансирање и буџет, чија претседателка е Сања Лукаревска од Социјалдемократскиот сојуз, доколку власта не го повлече од скратена и повторно не го поднесе во редовна постапка.
Стојаноски ја повика Лукаревска да закаже седница на матичната комисија бидејќи, како што рече, 24-часовниот рок за нејзино свикување истекува попладнево во 18 часот.
Доколку тоа, сепак, не се случи, рече дека ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата нема да дозволат „граѓаните да бидат жртви на политичките потреби на една тесна клика на луѓе“ и оти ќе направи сè што е возможно во рамки на деловничките можности овој закон да помине.
Зборувајќи за предложениот закон, Стојаноски кажа дека кон него е приложен и Договорот за заемот каде што се набројани сите услови за негово земање. Додаде дека за законот досега повеќепати зборувале премиерот Христијан Мицкоски и министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.
Според новиот Деловник за работа на Собранието, доколку Лукаревска не ја свика седницата на Комисијата, претседателот на Собранието може да одреди пратеник кој ќе ја води седницата до нејзино завршување.
Претходно денеска, опозицискиот СДСМ ја повика власта да го повлече предлог-законот за задолжувањето од 500 милиони евра кај Унгарската експорт-импорт банка, кој е поднесен во скратена постапка, и да го поднесе во редовна постапка. Во спротивно, како што посочи партискиот лидер и пратеник Венко Филипче, СДСМ, кој ја води Комисијата за финансирање и буџет во Собранието, нема да го стави овој закон на расправа.