Во Комисијата за уставни прашања ќе одиме за да објасниме зошто сме против овие предложени уставни измени од Владата, рече Бојан Стојаноски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ во вечерашното гостување на ТВ Сител. Тој не откри детали кои ќе бидат аргументите, но потенцира дека официјална комуникација со партиите од власта, со СДСМ, може да има само преку разговор за предвремени избори.
„Го повикувам Такат Џафери да ја закаже пленарната седница за уставни измени ден по Комисијата за уставни прашања, поточно на 26 јули и да види дали има мнозинство за промени на Уставот. На таа седница да има две точки на дневен ред, првата, за промена на Уставот, а кога ќе видат дека немаат мнозинство, да се премине, на втора, гласање за распуштање на парламентот“
рече Стојаноски.
Стојаноски се осврна и на прашањето за комуникација со движењето на Изет Меџити, потенцирајќи дека ВМРО-ДПМНЕ е подготвено за соработка со сите кои се против власта.
„Сите оние кои сакаат да ја бутнат оваа Влада ние сме отворени за соработка. Гледаме и дека се повеќе има такви од владеачката коалиција кои излегуваат и негодуваат со актуелните случувања“,
кажа Стојаноски.