Покрај доказите од денот на трагичниот настан, пред судот се изведени и аудиоматеријали од 2024, 2025 и 2026 година, кои сведочат за континуирано повеќегодишно семејно насилство. Презентираните аудиоснимки опфаќаат пријави во полиција направени лично од Ивана, од нејзината мајка Љубица, од мајката на обвинетиот Стојанче, како и од анонимни соседи и очевидци
Аудиоснимки од три пријави во полиција направени на 2 март, кои директно му претходеле на денот кога Ивана и Катја беа пронајдени мртви по пад од балкон во скопски Карпош, денеска се презентирани како клучни материјални докази на судењето во Основниот кривичен суд Скопје против сопругот Стојанче Јовановски, обвинет дека ја навел сопругата на самоубиство по долгогодишно психичко и физичко малтретирање.

На снимките од 2 март јасно се слушаат расправии и физичко насилство, со што обвинетиот Стојанче ѝ порачува на Ивана дека веќе нема да го види детето и дека ќе ѝ го уништи животот.
Покрај доказите од денот на трагичниот настан, пред судот се изведени и аудиоматеријали од 2024, 2025 и 2026 година, кои сведочат за континуирано повеќегодишно семејно насилство.
Презентираните аудиоснимки опфаќаат пријави во полиција направени лично од Ивана, од нејзината мајка Љубица, од мајката на обвинетиот Стојанче, како и од анонимни соседи и очевидци.
Пред судот, Обвинителството презентира и транскрипции и материјални докази, како фотографии од пријавите во системот, на кои се гледаат телефонските броеви на пријавителите.
Обвинителката Адела Бојчевиќ презентира и аудиоснимки од пријави на Ивана во полиција направени на 15 октомври 2025 година.
Во пријавата од тој ден од 8:38 часот, се содржани два аудиодокументи. Во првиот, Ивана го прашува операторот каде треба да се обрати кога некој ѝ го заклучил станот и не ја пушта да влезе. Операторот ја упатува на куќниот совет, а ако не успее, ѝ вели дека ќе ја поврзе со пожарна. Ивана додава дека куќниот совет нема клучеви и бара полицијата да го стори тоа. Операторот повторно ѝ вели да се консултира со куќниот совет, а потоа да се скрши вратата, на што Ивана прашува дали тоа значи оти пожарна треба да го стори тоа.
Истиот ден Ивана го пријавува Стојанче дека во домот чува дрога, дека е заклучен во станот и бара полиција.
„Сакам да пријавам дека во мојот стан сопругот чува дрога“,
вели Ивана во пријава.
Додека операторот бара податоци од неа, се слуша како таа му се обраќа на Стојанче:
„Ќе отвориш или ќе те пријавам“.
Обвинителката презентира и аудиоснимка од Ивана на 9 јуни 2025 година, на која се слуша како вознемирана и со викање се јавува на бројот 192 за да го пријави Стојанче дека ја тепа.
На операторот објаснува дека се наоѓа во Чаир, но дека не ја знае адресата оти сопругот не ѝ ја кажува, по што бара полицијата да ја најде по локација.
Пријавата од 21 јануари 2025 година во 1 часот по полноќ е од сосед од зградата во која живееле Стојанче и Ивана дека соседите од соседниот стан се дереле и дека жената дошла кај нив, велејќи оти сопругот ја тепа, како и дека сега е засолнета во нивниот дом.
На 29 август истата година, пак, има пријава од мајката на Ивана, Љубица Стојановска, дека ќерка ѝ, која е во бракоразводна постапка, отишла до станот на улицата „Теодосиј Гологанов“ во Скопје да земе лични работи, но таму бил сопругот, кој ја тепа.
Во пријавата, мајката на Ивана вели и дека на Стојанче не му е првпат да ја малтретира. Плачејќи, вели дека и на 20 јануари соседите веќе пријавиле насилство во домот на ќерка ѝ.
